среда, 22 јануари 2025

ДКСК втора по транспарентност, но три институции пред неа го делат првото место

Во извештајот за транспарентност на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за минатата 2024 година е оценета на високо второ место. Во текот на 2024 година, ДКСК во рамките на институтот „Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер“, добиени се 40 барања за одговор за информации од јавен карактер, од кои 39 се одговорени во рамките на предвидените рокови, а едно е одбиено како незаконско, се пофалија денеска од ДКСК.

Објавено на

часот

Сподели

„Тоа што сакаме да го потенцираме е дека сите барања односно одговори се од исклучително комплексен карактер, со барани аналитички податоци за кои ДКСК соодветно обезбеди одговори кон засеганатите страни“, соопштуваат од Антикорупција.

Извештајот за транспарентноста на државните институции беше дел од мониторинг-процесот на Агенцијата во рамки на Акцискиот план за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2023, кој има за цел унапредување на алатките за достапност на информации од јавен карактер.

„Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во 2024 година ги оцени веб-страниците на државните институции, со фокус на редовното објавување и ажурирање на документите согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, се наведува во соопштението од ДКСК.

Сепак според извештајот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, ДКСК би требало да е на четврто место по транспарентност, со оглед дека првото место, со ист број бодови, го делат три институции.

„Од мониторираните 112 државни институции, од вкупно можни 50 бодови според методологијата за мониторирање, средната вредност на проактивната транспарентност на имателите е 34,5 бодови. Тоа претставува средно ниво на активната транспарентност на веб-страните на имателите или 69 % на објавените информации од јавен карактер.

Според резултатите од мониторингот, најтранспарентни се: Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенција за храна и ветеринарство и Министерството за одбрана со 49 бодови, а по нив е Државна комисија за спречување на корупцијата со 48,5 и Министерство за социјална политика, демографија и млади со 48 бодови“, се наведува во извештајот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ