понеделник, 21 октомври 2024

ДКСК препорача да се укине државното финансирање на партиите и да се казнуваат институциите што кријат податоци

Бројни недостатоци во правната и административната рамка, пријавувањето на донации и трошоци од страна на партиите, потребата од зајакнување на системите за мониторинг и надзор за обезбедување поголема транспарентност и отчетност во финансирањето на изборните кампањи се само дел од слабостите што претставуваат ризик од корупција, а кои ги нотираше Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во Посебниот извештај објавен денеска за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања за избор на пратеници на изборите 2024 година. Целта на овој извештај е да ги идентификува сите потенцијални предизвици и слабости кои би можеле да го нарушат легитимитетот на изборите. Во извештајот особено внимание е посветено на приходите, расходите и правната рамка поврзана со финансирањето на изборната кампања.

Објавено на

часот

Сподели

Во извештајот, ДКСК меѓу другото забележува дека помалку од половината од институциите не ја исполниле законската обврска да достават податоци за службените возила со кои располагаат. Од 826 институции воопшто не доставиле информации, од кои 10 се министерства.

„Најзагрижувачки е фактот дека 826 институции воопшто не доставиле информации, од кои 10 се министерства. Ова претставува сериозен недостаток во исполнувањето на законските обврски и може да укаже на свесно прикривање на информации за избегнување на надзор. Недоставувањето на податоци од страна на голем број институции, вклучително и министерства, е особено проблематично бидејќи овие институции управуваат со значителни ресурси и јавни средства, што може да укаже на потенцијални злоупотреби, каде што службените возила се користат за лични или партиски цели, наместо за потреби на институцијата. Од аспект на превенција, оваа ситуација бара итна реакција. Потребно е да се зајакнат механизмите за надзор и контрола, како и да се воведат построги санкции за институциите кои не ги исполнуваат своите обврски во однос на доставување на информации. Исто така, треба да се разгледа можноста за автоматизирање на процесите за поднесување и обработка на овие податоци“, велат од ДКСК.

Од вкупните извори на финансирање на изборната кампања во износ од 385.022.129 денари, 64 отсто се пари од Буџетот на државата, поради што ДКСК укажува на потребата државното финансирање на партиите да се укине, поради постоење на ризици од корупција и идното влијание на политичките партии врз уредувачката политика на медиумите.

„Истакнавме дека Државната изборна комисија има исплатено само 3 проценти од вкупната обврска за платено политичко рекламирање, соопштуваат од ДКСК.

Што се однесува до парите од донации што се влеваат во партските каси, од Антикорупциска констатирале дека пријавувањето на донациите и трошоците е премногу комплексно и неефикасно, што доведува до зголемени административни трошоци и одложувања.

„Неопходна е реформа на овие процеси за постигнување поголема ефикасност и намалување на можностите за корупција“, препорачуваат од Комисијата.

Извештајот исто така посочува на потребата од зајакнување на системите за мониторинг и надзор за обезбедување поголема транспарентност и отчетност во финансирањето на изборните кампањи.

„Финансиското управување останува сериозен предизвик. ДКСК препорачува воведување нови механизми за следење на приходите и расходите, како и реорганизација на административните процеси за поефикасно управување со ресурсите и намалување на можностите за корупција“, се наведува во извештајот.

Во однос на постапувањето по предмети за овој изборен процес, ДКСК оформила вкупно 65 предмети, кои се резултат на пријави за сомневање за сторени повреди на Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, предмети оформени по сопствена иницијатива, по поднесени пријави, како и приговор поднесен од една политичка партија.

„Од вкупно донесените одлуки, донесени се 30 одлуки за запирање, 15 одлуки за отфрлање, додека осум предмети се затворени со заклучоци поради идентична или слична содржина. По предметите за парламентарните избори, покренавме шест иницијативи за поведување постапка за кривично гонење, како и четири иницијативи пред надлежните органи за поведување на постапка за утврдување на одговорност на службени лица“, посочуваат од ДКСК.

Во однос на законската обврска за доставување на извештаи, ДКСК констатира дека четири партии што учествувале на изборите немаат доставено вкупен финансиски извештај, додека значително мал број од фирмите кои вршат платено политичко рекламирање имаат доставено извештаи до ДКСК, со што, како што велат, се нарушува принципот на транспарентност на изборната кампања и се намалува довербата во целокупниот изборен процес, за што не се изречени санкции од страна на надлежните институции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ