сабота, 27 јули 2024

Директорот на ЦУК ќе бара дозвола да се убие мечката која вчера нападна човек

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов денеска најави прес-конференција на која ќе информира дека откако ќе добие поконкретни информации од МВР, ќе побара проценка од надлежните министерства  дали може да се убие мечката која нападна човек во близина на Македонски Брод.

Објавено на

часот

Сподели

Вчера МКД.мк информираше за случајот меѓу селата Ораоец и Пласница кога ловџии пукајќи во воздух спасиле возрасен човек кој бил нападнат од мечка и повреден. Ангелов го посети човекот, оцени дека сериозно е повреден, сними видео од разговорот со него, како и од разговорот со еден од ловџиите.

Денеска Ангелов ќе информира дека побарал од МВР да биде расветлен случајот, по што можеби ќе побара дозвола мечката да биде отстрелана. Тој има порака и до невладините организации.

„Ангелов ќе информира за барањето поднесено до МВР за целосно расветлување на случајот со нападот на мечка врз 76-годишно лице од село Пласница  а откако ќе бидат утврдени и потврдени сите околности на настанот и собрани информации за опасната мечка, до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за екологија и просторно планирање ќе поднесе барање за процена на исполнетост на условите за отстрел на опасната мечка којашто претставува ризик за животот и здравјето на жителите на овој регион.

Воедно, Ангелов, ќе информира за средбите со градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше и жители на засегнатите села, Ростуше, Требиште и Жировница како и за барањето до МВР за асистенција на Националниот Парк „Маврово“ и Општината Маврово и Ростуше во организирање на превентивна хајка со маневарска муниција (без проектил, зрно, пука но не убива) заради оддалечување на мечките од населените места.

На крај ќе ги повика невладините организации за заштита на животните со свои претставници да се вклучат во работата на координативното тело кое ќе се формира за надминување на опасностите од кафеавите мечки на територијата на државата“, се вели во најавата за прес-конференцијата.

Инаку, неодамна, со одлука на Владата, беше потсетено дека кафеавата мечка не смее да се убива зашто е заштитена како вид со закон, но надлежните институции и Општина Мавроцо Ростуше беа задолжени за редовно чистење на контејнерите со ѓубре, за обезбедување на местата со храна и за обезбедување на локации подалеку од населените места каде би се оставала храна за мечките, со цел да не влегуваат во населените места.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ