петок, 26 јули 2024
Скандал во Струга

Директорката на Браќа Миладиновци забранила да се пее македонската химна, спречен инцидент на патронатот (ВИДЕО)

Директорката на основното училиште Браќа Миладиновци од Струга, Албана Жута, денеска спротивно на законот забранила да се пее македонската химна на одбележувањето на патронатот на училиштето, дознава МКД.мк. Дополнително, Жута во својот говор пред присутните на албански јазик истакнала дека училиштето треба да го врати името Лирија од периодот на Втората светска војна и окупацијата на фашистичките окупатори. МКД.мк уште дознава дека родителите на учениците веќе поднеле кривична пријава против директорката Жута како и претставка до Државниот просветен инспекторат.

Објавено на

часот

Сподели

На одбележувањето на патронатот на основното училиште Браќа Миладиновци во Струга денеска, за малку бил избегнат инцидент откако директорката на училиштето, Албана Жута во своето обраќање користела реторика со политичка конотација и погрешни историски факти, при што таа на албански јазик истакнала дека училиштето треба да го врати името Лирија од периодот на Втората светска војна и дека треба „да се вратат на патиштата што тогаш биле зацртани“.

„Нашето училиште има долга историја и отворањето на ова училиште датира од 1941 година со основно училиште до четврто одделение Битолски конгрес. Основното училиште до седмо одделение Лирија со работа почна по народно-ослободителната војна во 1945 година кога на позицијата директор на ова училиште беше поставен Зихди Кајанаку, а дел од наставниот кадар беа наставниците Мифит Синојмери, Џафер Наразани, Рефик Палоши, Хисен Палоши, Мексут Арифи, Сами Шеху, Хасан Шашко. Историјата добива поинаков правец кога во 1958/59 година ова училиште беше затворено и неговото име беше променото во Браќа Миладиновци. Историјата на ова училиште датира од 1945 година и за да не заборавиме и за да се потсетиме од каде доаѓаме и каде одиме, историјата треба правилно да ја кажеме“, истакнала меѓу другото директорката Жута.

Говорот на Жута предизвикал негодување кај присутните кои ја исвиркале директорката, а македонските наставници се обиделе да го прекинат говорот, по што наишле на груба и насилничка реакција на професорите Албанци кои се заканувале со физичка пресметка.

МКД.мк дознава дека на директорката ѝ било предочено дека говорот содржи исторски невистини, но таа на стручните луѓе од училиштето им кажала дека таа е директорка на училиштетот и дека ќе прави што сака.

По скандалот веднаш реагираа од Иницијативата за граѓанско будење „Разбуди се“.

„На патронатот на ОУ Браќа Миладиновци, незаконски поставената директорка најпрво го забранила интонирањето на химната ‘Денес над Македонија се раѓа’ со образложение дека ќе ги навредело чувствата на Албанците во училиштето, а потоа во излгањето направила историски вовед за образовната институција чии корени ги лоцирала во 1941 кога балистичката окупаторска власт присилно го наметнала изучувњето на албанскиот јазик за неалбанското население во градот. Ова е ДУИ во опозиција, од петни жили ќе се трудат да напрват етнички раздор и нетрпение. Доколку не го затворите Мерко и неговите инсталации допрва ќе гледаме тепачки во училиштата, палење на нелегалната депонија, верски провокации налик на оние со Вевчанскиот карневал и многу други лудости кои може да ги смисли само таков расипан ум!“, пишува во реакцијата на „Разбуди се“.

Ова не е првпат во основното училиште Браќа Миладиновци да се работи спротивно на законот. Минатата година на Денот на албанското национално знаме, покрај албанското знаме осамнаа мапи на голема Албанија. Истото се случи и во училиштетото „Гоце Делчев“ во струшкото село Подгорци.

Според информациите на МКД.мк за денешниот инцидент веќе е поднесена кривична пријава и претставка до Државниот просветен инспекторат.

И. Опетческа

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ