сабота, 27 јули 2024

Дипломатски синдикат: Министре, нема албанофобија, има непрофесионализам

Нема никаква „албанофобија“ или „албанохистерија“, туку има само зачувување на професионалните дипломатски стандарди, реагираше Македонскиот дипломатски синдикат на квалификациите на министерот за надворешни работи Бујар Османи по нивното соопштение за непрофесионализам во МНР.

Објавено на

часот

Сподели

„Министре, Македонскиот дипломатски синдикат бил и ќе продолжи да биде последниот бедем и механизам за зачувување на угледот и професионалните стандарди во дипломатската служба. Затоа, ве повикуваме да не употребувате несоодветна политичка реторика кога се работи за прашања кои ги засегаат професионалните дипломати и нивните кариери.

Би сакале да ви укажеме, дека бројот на членови на МДС континуирано се зголемува, а воедно во истиот членуваат дипломати од сите етнички заедници. Ова се должи на нашите континуирани принципиелни заложби за унапредување на статусот и правата на професионалните дипломати.

Министре, во периодот откако вие ја презедовте функцијата на прв човек на министерството, упатени се повеќе од педесетина амбасадори и конзули како и повеќе од двестотини дипломати на мандат. МДС реагира исклучиво кога станува збор за прекршување на Законот за надворешни работи или за крајно спорни решенија за кои реагираше и целокупната јавност.

На крајот, и покрај вашето политичко излагање обременето со партиски флоскули, сè уште не добивме одговор на прашањето дали со предлогот за упатување на генерален конзул во Њујорк се крши Законот за надворешни работи.

Министре, како и во минатото ве потсетуваме дека министрите се листопадни, а дипломатијата е зимзелена.

И Левица реагираше на ваквите потези на Османи.

„Тој со години се однесува како МНР да е своевина на ДУИ во кое владее распашана банда. Целиот негов мандат како министер го проследуваат бројни дипломатски скандали, а изминативе месеци се работи на масовни вработувања и унапредувања во рамки на Министерството, каде единствен принцип за напредување е партиската припадност кон ДУИ.

Негов партиски потрчко од Чаир, кој за заслуги поради трчање во кампања, добива место на генерален конзул во Њујорк. Имено, Мухаби Синани, кој во МНР е вработен од пред само неколку месеци, нема  соодветно образование, а уште помалку знаење и искуство за да стекне високо дипломатско звање. Тој минатата недела веќе ги има одбрането тезите за упатување.

Синани во текот на оваа седмица забрзано полага испити во МНР за унапредување од три нивоа нагоре, за да неговото упатување биде приспособено на законските барања за упатување на ниво на генерален конзул, што е спротивно на сите принципи за кариерно напредување во Министерството.

Вработените во МНР сведочат на тоа дека ова не е единствен ваков случај на унапредување и вработување во Министерството, или назначување за раководители на директорати и испраќање на дипломатски претставници под партиски клуч, што го уништува угледот на МНР и служи исклучително за партизација на институцијата!

Левица жестоко ги осудува овие кадровски ‘потфати’ на Османи кои се косат со законските процедури и утврдените принципи на кариерен раст во МНР. Ова само ја потврдува неопходноста од кадровска ревизија, која веднаш мора да биде спроведена по паѓањето на режимот на ДУИ од власт и спроведување на внатрешна реформа, која ќе го врати угледот на Министерството и достоинството на дипломатските работници“, се вели во соопштението на Левица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ