„Најостро го осудуваме воздушниот напад на Иран врз Израел којшто може да доведе до натамошна ескалација на безбедносните состојби не само на Блискиот Исток.
Овие настани можат да поттикнат активирање на ретроградни процеси во повеќе региони во светот во кои тлеат тензии, латентни судири и ќе имаат директно влијание врз светската економија и забрзување на милитаризацијата на општествата.
Укажуваме дека наместо со оружје, проблемите и недоразбирањата меѓу државите и конфронтираните страни треба да се решаваат по мирен пат и дека во тој процес треба максимално да се искористат услугите на дипломатијата“, се вели во реакцијата на Дипломатскиот клуб.
Денеска се одржа и годишното собрание на Дипломатскиот клуб – Скопје на кое за нов претседател беше избран амбасадорот Јован Теговски, а беше оддадена благодарност и признание на работата и посветеноста на досегашното раководство на клубот, особено на неговиот претседател, амбасадорот Огнен Малески.
Особено беше нагласена успешната соработка со неколку институции, како на пример со Факултетот за безбедност, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, Правниот Факултет, Американскиот Универзитетски Колеџ Скопје, МАНУ и се реафирмираа заложбите за проширување на соработката со Министерството за надворешни работи, соопшти Дипломатскиот клуб.