петок, 26 јули 2024

Дипломатски извори: Столтенберг ќе предложи фонд за Украина од 100 милијарди долари

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ќе предложи формирање фонд од 100 милијарди евра на пет години за помош на Украина во војната против Русија, пренесуваат денес дипломатски извори.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

За тоа 32 земји од НАТО ќе разговараат денес за време на состанокот на министрите за надворешни работи во Брисел, навеле истите извори.

Министрите ќе „разговараат за најдобриот можен начин на организирање на поддршката на НАТО за Украина за таа да биде посилна, попредвидлива и поодржлива“, кажа неименуван функционер на Алијансата.

На состанокот не се очекува никаква одлука, но „разговорите за тоа ќе продолжат пред самитот на НАТО во Вашингтон во јули“, додал изворот.

За финансирањето на тој фонд сè уште се разговара, но идејата е секоја држава членка на западниот воен пакт да даде свој придонес според својот БДП.

„Сè што придонесува на динамиката на поддршката на Украина оди во вистинска насока“, кажал неименуваниот дипломат на НАТО, напоменувајќи дека таа идеја и понатаму предизвикува многу прашања меѓу сојузниците, особено во поглед на финансирањето.

Според дипломатските извори, на овој начин би се избегнала опасноста помошта за Украина да дојде во прашање ако во Белата куќа повторно биде избран Доналд Трамп.

Министрите, кои во четврток ќе ја прослават 75-годишнината на Атлантскиот сојуз, исто така сакаат да разговараат за начините да се зајакне приврзаноста на воениот пакт на Украина, навеле дипломатите.

Министрите за надворешни работи на земјите во НАТО ќе разговараат и за нов генерален секретар, бидејќи на Столтенберг оваа година му истекува мандатот.

Холандскиот премиер Марк Руте, кој е официјален кандидат, има поддршка од 90 отсто од државите на Алијансата, додале дипломатските извори.

Друг кандидат за да го замени Столтенберг е романскиот претседател Клаус Јоханис.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ