сабота, 27 јули 2024

Динарот надвор од употреба на Косово

По истекот на периодот од три месеци кој владата на Косово го одреди за „преоден период“, еврото од завчера е единственото официјално средство за готовинско плаќање на Косово, а оние кои нема да ја почитуваат оваа одлука можат да очекуваат казни, јавуваат српските медиуми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Како што објави порталот Радио КиМ, трговците и угостителите во општината Грачаница го прекинале платниот промет во динари.

„Престанавме да примаме динари. Запознаени сме со ситуацијата дека тоа е забрането на Косово и се водиме според тоа. Мислам дека и не е некој проблем, бидејќи граѓаните секако платите и пензиите ги подигнуваат во Србија, таму ги менуваат во евра и ги трошат тука. За нас исто така не е некој проблем, наплаќаме во евра“, вели угостителскиот работник Марко Рајковиќ.

Просветната работничка од Грачаница Лилјана Џориќ истакна дека граѓаните кои се во работен однос, а примаат плата од буџетот на Република Србија, ќе се снајдат и дека указот на централната банка на Косово им претставува најголем проблем на старите и болните.

„Запознаена сум и ништо не ме изненадува, ниту очекува поинаков исход. Ќе се снајдеме како што знаеме и умееме. Полоши нешта не нè исплашиле, нема ни ова. Граѓаните на Косово кои се во работен однос ќе се снајдат, најголем проблем е за пензионерите. Не знам како ќе се снајдат тие бидејќи се во години и не се способни за патување. Ќе се трудиме да им помогнеме колку што можеме“, кажа таа.

На први февруари стапи на сила указот на централната банка на Косово според која еврото е единствена валута.

Премиерот на Косово Аљбин Курти изјави дека целта на готовинското плаќање во евра не е казнување, туку законитост и транспарентност при користењето на паричните средства. Тој додаде дека указот не е ориентиран против динарот, туку дека го утврдува еврото како единствено средство за готовинско плаќање на Косово, и дека со тоа од готовинското плаќање се исклучуваат и сите други валути. Иако делегации на Приштина и Белград до сега се сретнуваат шест пати во врска со проблемот со употребата на динарот на Косово, решение не е најдено.

Западот побара од Косово да ја одложи примената на одлуката и да најде краткотрајно преодно решение, бидејќи указот има негативно влијание врз локалното население на северот на Косово, кое со години прима исплати во динари од буџетот на Србија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ