петок, 26 јули 2024

Димов: Може да имаме модерни рудници, потребна е контрола и отчетност

Деканот на Природно-техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Ѓорѓи Димов вели дека 34 критични минерални суровини се основата за транзиција од фосилните горива кон зелената енергија, нешто што сега ѝ е потребно на Европа.

Објавено на

часот

Сподели

Европската унија на 15 декември минатата година усвои Закон за искористување на критични минерални суровини. На листата се вкупно 34 минерални суровини кои треба да овозможат побрз индустриски и економски развој, но и земјите од овој континент да не бидат зависни од суровините од Кина и од Русија.

Деканот на Природно-техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Ѓорѓи Димов за МИА вели дека овие 34 критични минерални суровини се основата за транзиција од фосилните горива кон зелената енергија и дека и Македонија треба да донесе таков закон.

„Европа е зависна од метали, зависна од минерали од остатокот од светот, а во последните неколку  години гледаме повеќе кризи. Прво беше Ковид пандемијата, којашто го намали транспортот, со што неколкукратно поскапеа цените, пред се мислам на бившите Советски републики и Кина, како главни   извозници на овие минерали што ги користиме во индустриските процеси во Европа. Сега ја гледаме кризата во Црвеното море со Хутите и со намалениот транспорт и стравот на превозниците од евентуални напади. Сето тоа не става во позиција на ранливост. Значи европскиот пазар е ранлив“, посочува Димов.

За револтот кај граѓаните и екологистите за отварањето на нови рудници поради тоа што во минатото дел од нив беа причина за неколку еколошки катастрофи, Димов вели дека го разбира нивниот револт, но дека за отварање на нови рудни наоѓалишта потребен е добар закон и мониторинг.

„Многу е важно да има систем за мониторинг. Тој систем за мониторинг алармира. Во најново време користиме сензори што се онлајн, што можат да измерат промена на некој параметар и да алармираат благовремено. Значи, ако дојде до промена на испуштање, одредени инфлуенсии, вода, сензорите треба да алармираат. Ако имаме емисија на честички во воздухот, тие сензори кажуваат и веднаш се преземаат мерки за отстранување на тој тип на загадувач“, појаснува Димов.

Во Македонија има 17 метали, најмногу железо, кој како метал не е атрактивен но, според Димов, мора да има истражувања за нови наоѓалишта коишто се потребни за забрзан економски развој. Посочува дека за најголемиот енергетски капацитет во земјава РЕК Битола има јаглен.

„Во Пелагонија има јаглен, можеби не е ни откриен, можеби не е ни погоден за експлоатација, меѓутоа ние сѐ уште вадиме неколку милиони тони јаглен годишно. И сѐ уште имаме потенцијал да го истражуваме, посебно со отворањето на оние наоѓалишта од Битола кон грчката граница. Тоа е наоѓалиштето Живојно, за коешто е изработена целата потребна документација, добиена дозвола за експлоатација, во фаза е на отворање. Меѓутоа, заклучоците од Коп 26, Коп 27 нѐ ставија во размислување дали треба да се инвестира во таа насока“, вели Димов.

Кои се триесет и четирите критични минерални суровини? Велите, потребни се за да се преструктуира Европа од фосилни горива кон зелена енергија?

– Тоа се минерaлни суровини штo се поврзани со изработката на електромоторите и на батериите. Тука пред се се мисли на бакарот, литиумот, молибден, антимон, златото, силициум. Голем дел од тие метали ги имаме во Македонија. Моментално, гледате дека има инсталации на мегавати, фотоволтаични панели, коишто ќе ни овозможуваат да имаме голема количина на електирична енергија,  да ја произведуваме преку ден. Што ќе правиме со таа енергија во текот на  ноќта?  Значи следен чекор е дека мора да измислиме големи батерии, големи колектори, коишто ќе ја акумулираат таа енергија и ќе можеме да ја користиме кога ќе ни треба, а не само кога ќе има сонце. Ќе требаат огромни количини на минерали за да изградиме и ветерници, така за да изградиме една ветерна централа потребни се меѓу 25 и 30 метали, од коишто доминантни се челикот и бакарот. Тоа се огромни количини на метали.  За да изработиме еден електромобил, знаете ли колку бакар е потребен за електромоторот. Ако сакаме да ја направиме таа транзиција полесна, мораме да сметаме на минералните суровини. Тешко можеме без металични минерални суровини, без кои не можеме да го замислиме секојдневниот живот. Пред 150 години било замисливо да живееме без метали, меѓутоа денес буквално не можеме да помислиме да изработиме било што, без употреба на метали.

Каде и колку минерални суровини има во Македонија?

– Имаме 17 елементи или 17 метали во нашата држава. Некои од нив ги искористуваме повеќе од 80-90 години, па и 100 години. Рудникот Злетово и другите се користени за време на бивша Југославија, па се затворени, па повторно отворени. Моментално работиме со еден минимален капацитет од тоа што можеме да го имаме. Меѓутоа имаме голем  потенцијал. Нашите наоѓалишта не се од редот на големите, тоа се средни или мали наоѓалишта во светски рамки. Меѓутоа имаме толку голем геодиверзитет, што имаме можност дури и од овие ретки минерални суровини да интензивираме некои нови истражувања. Во текот на 70-тите и 80-тите години кога имало интензивни истражувања на минералните суровни, сме направиле некоја основна визија и перцепција што сѐ има. Меѓутоа имаме индиции дека имаме и многу други метали, коишто се од рангот на ретки метали, и метали што досега не биле интересни, но стануваат интересни. Имаме наоѓалишта на антимон, метал којшто е многу баран, потоа на молибден, за којшто до сега не сме помислувале да го експлоатираме. Тоа ни отвора нови можности, освен што ги експлоатираме традиционалните како олово, цинк, бакар и злато, да размислуваме и за  експлоатација и екстракција на некои нови типови на минерални суровини.

Граѓаните и екологистите реагираат на најавите за отварање на нови рудници. факт е дека тие во изминатите години направиле неколку еколошки катастрофи. Ги знаеме случаите со Злетово и со Саса. Се излеја јаловина во реките, која дојде и во Брегалница. Имаме и загадување на животната средина околу хидројаловиштата (рударски езера)?

– Не се тие виновни. Историски гледано навистина имале проблеми со рудниците, посебно со она што излегува од рудниците и индустријата општо земено. Недовербата се должи на едно време кога законите биле многу потолерантни, а и самиот начин на употреба и екстракција на минералните суровини бил поекстензивен. Сега имаме Закон за минерални суровни, којшто го изработуваше Министерството заедно со организациите за заштита на животната средина. Тие зборуваат за делот што го знаат, ние зборуваме за делот што ние го знаеме. Тие за нивната наука, а ние за нашата наука и се трудиме да направиме еден добар Закон којшто исклучува некои супстанци, а коишто тие ги нотираат како штетни, како загадувачки материјали. Но, и ден денес има голем број на металични и неметалични минерални суровини што се екстрафираат во непосредна близина на урбани, населени места. За да го постигнеме тоа треба законодавството уште малку да се смени, да се транспонира уште некој од оние закони и директиви што ги предлага ЕУ, а во меѓувреме да се донесе Стратегијата за истражување и експлоатација на минерални суровини, заедно со Законот за критични минерални суровини. Мислам дека можеме заедно со активистите и со научниците од зелениот сектор, да направиме добри примери за тоа како може да имаме и рудници и здрава животна средина. Кога ја  споменавте Саса, во овој момент се прават две значајни инвестиции коишто ќе овозможат да нема, односно воопшто да не излегува јаловина од рудникот. Тоа се  проекти што овозможуваат целата јаловина, што се произведува, да се врати назад во рудникот, да се врати во природната геолошка средина и да имаме буквално нулта емисија на загадувачки флуенси што порано ја загадувале животната средина. Исто е и со прашината, можеме многу лесно да ја менаџираме со методи, има методологии со прскање, врзување. Професорите кои се занимаваат со заштита на животната средина тоа многу подобро го знаат. Сигурен сум дека можеме да ги земеме најдобрите практики од европските рудници или рудниците од Австралија која што е репер за регулација на рударството во цел свет.

Дали секој рудник во нашата земја има пречистителни станици за отпадните води?

– Поголемите рудници имаат. Имаат третман на водите пред да ги испуштат, колку што знам. Проблемот е со многу малите рудници за експлоатација на неметали, тоа се најчесто карботни минерални суровини, коишто работат, па неработат, спроведуваат или не спроведуваат мерки. Револтот на екологистите е и во таа насока, кон тие наоѓалишта, а кои влијаат пред се со бучава, вибрации и  со прашини. Мислам дека големите компании лесно може да се стават во ред, како и новите инвестиции. Новите потенцијални инвеститори коишто би дошле и би инвестирале во истражување и во отворање на овие минерални суровини лесно можеме да ги ставиме во ред.

Колку Македонија е истражена во делот на минералните и неминералните суровини, а коишто во моментов се актуелни и интересни за светскиот индустриски развој?

– Имавме еден силен импут во 60-тите, 70-тите и 80-тите години од минатиот век кога Геолошки завод на Македонија изработувал и ги истражувал сите појави. Меѓутоа од 90-тите години наваму, за жал, немаме синхронизиран процес, дури и на основани геолошки истражувања. Го затворивме Геолошкиот завод на почетокот на 2000 година, но за среќа се отвори пред десетина години повторно. Меѓутоа, факт е дека мораме да алоцираме средства од буџетот кон Геолошкиот завод ако сакаме да знаеме со што располагаме. И овој концепт на критични минерални суровни за да биде потполен, мораме да знаеме колкава е количината на металични минерални суровини, од тие групи коишто до сега не биле ставени во рамки на некакви посериозни истражувања. Има еден процес, кој се нарекува проспекција на минерални суровини. Тоа е првичен процес, одиме со не многу инвазивни методи, побрзо го поминуваме теренот, собираме информации. Треба да се врати проспекцијата, да се види за оние простори каде што се потенцијалните критични минерални суровини, да имаме сознанија и повеќе податоци. Тоа е скапо, меѓутоа е неопходен во овој период  доколку сакаме да имаме една издржана индустрија која се занимава со екстракција на метали.

Во моментов во земјава кој е металот што го имаме најмногу?

– Во моментот имаме најмногу тоа што најмногу не ни треба, железо, меѓутоа железо се ескплоатирало во минатото. Сега за жал, тие наоѓалишта на железо не се актуелни, не се екплоатираат. Имаме потенцијал и затоа се отворени топилници и железари во Македонија. Најзначаени метали во овој момент што се експлоатирани од нашите руднции се бакарот од  Бучим и оловото и цинкот од Саса, Тораница, и од Злетово. Сѐ уште главната енергија ја добиваме од фосилни горива – јаглен, кои се копаат на неколку места во државата. Се копа јаглен, се копа квалитетен бел мермер на неколку места во Пелагонискиот масив, во околината на Прилеп и Мариово, се копаат квалитетни гранити, мермери, минерални суровини коишто не се толку чести и коишто имаат релативно висока цена. Значи, ако се земат предвид сите оние други минерални суровини што се основа на градежништвото, варовниците за дробен камен, за бетонски агрегати, можеме да кажеме дека имаме доста добра продукција и на неметалични минерални суровни. Ги имаме и порцеланските минерали, цеметната индустрија значи буквално во овие 25.000 километри квадратни имаме голем геодиверзитет, има со што да се пофалиме и во иднина да размислуваме како да ги ставиме во функција на економскиот развој на државата.

Дефицитарни струки се инженерите. Вие едуцирате инженери во областа на рударството, геологијата и заштита на животната средина. Колкав е интересот на младите за овие струки?

– На Факултетот за природно-технички науки, претходно Рударско геолошки факултет имаме пет студентски програми, освен овие трите што ги кажавме – рударство, геологија и заштита на животна средина што ни се традиционални и од 1977 година се актуелни на овие простори. Имаме и други студиски програми, а тоа се дизајн, ентериер мебел и индустриска логистика. Трендовите, за жал, не се позитивни. Инженерството е во слободен пад. Ако ги споредиме бројките што сме ги имале пред 10-15 години со оние што ги имаме сега, можеме да забележиме дека посебно во геологијата и рударстовто се многу намалени. Во последната генерација запишани во септември 2023 година имаме седум геолози и осум рудари од коишто одреден дел се вонредни студенти.

Во изминатиот период имавме сеизмички активности, читавме за неколку помали земјотреси на Балканот. Колку македонското тло е стабилно?

-Тука секогаш големо влијание има африканската плоча, каде што заедно со анадолската плоча вршат влијание врз егејската микро плоча, и на тој начин се уште има интензивни движења во подкоровата структура на Земјата. Сведоци сме дека во последно време имаме појава посебно во областа на Штип. Ние не сме навикнати во Штип на релативно стабилно место. Сведоци сме дека минатата година имавме во период од неколку месеци над 50 потреси коишто ги почувствуваме, тоа се потреси со магнитуда над два, два и пол степени, а најакиот беше мислам 3,8 степени. Тоа се послаби земјотреси и ние не сме измериле земјотрес во штипскиот регион повеќе од магнитуда 4,1 – 4.2.Тоа се земјотреси коишто се наоѓаат во плачковичкиот епицентрално подрачје. Настануваат како резултат на интеракција на бучимскиот расад со плачковичкот расад. Никој не знае кога ќе се бидат и никој не знае со кој интензитет ќе бидат. Тоа е не благодарно да зборуваме. Остануваат зоните со највисока сеизмичка активност, се знае крајниот исток, Пехчево, Берово, Делчево, крајниот запад Дебар, тоа се тие две тектонски единици коишто се издвоени со длабински расеви, сите тие работи се геолошки предиспонирани. Исто така Скопската котлина, Валандово и околината на Охрид.

Дали науката е отидена понапред за да предупреди кога ќе има земјотрес?

– Одговорно тврдам дека не постои сигурен метод, којшто ќе предупреди дека ќе има земјотреси. Досега никој не може да каже дека можеме да предвидиме земјотрес. Вулканите веќе почнуваме да ги предвидуваме. Вулканолозите веќе обезбедуваат начини да ја следат вулканската активност со многу модерни геофизички инструменти, меѓутоа за земјотресите, тоа не можам да го кажам. Во скоро време имаше смели изјави и предвидувања, меѓутоа сѐ тоа е во делот на шпекулации.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ