Димитровски на неговиот Фејсбук-профил објави дека се заблагодарил на поддршката од Вашингтон за европските интеграции на земјава и изразил уверување дека со помош на САД, кои се наш стратешки партнер, во дијалог со Софија ќе се надминат пречките за нашите европски интеграции и ќе се овозможи забрзано интегрирање во Европската Унија.
„Државниот секретар на САД Блинкен го нагласи нашето партнерство во НАТО, се заблагодари за улогата што Македонија ја има како активен партнер во Алијансата и вети дека на својот наследник од новата администрација ќе му ги пренесе пораките за продолжување на поддршката на интеграцијата на Западен Балкан и МКД во ЕУ, како и на мирот и стабилноста на регионот“, наведува Димитровски во објавата на ФБ.
Димитровски, во својство на претседавач со ОБСЕ во 2023 и член на ОБСЕ-тројката, претседавал со втората сесија на Министерскиот совет во Малта, на кој присуствуваат шефови на дипломатии и високи претставници на 57 земји учеснички и 11 азиски и медитерански партнери за соработка.
Во обраќањето пред министрите, тој ја осудил руската агресија врз Украина и се придружи на повиците до Руската Федерација да ги повлече своите сили и да стави крај на војната и страдањето на населението.
„Оваа војна мора да прекине. Храбрите и отпорни граѓани на Украина заслужуваат достоинствен и праведен мир, а правдата мора да надвладее. По завршувањето на агресијата, ОБСЕ ќе биде во можност целосно да ја реализира својата мисија на продлабочување на дијалогот, изградба на доверба и промовирање на сеопфатна и неделива безбедност“, истакнал Димитровски.
Тој ја нагласил и улогата и конкретниот придонес на нашата држава како поранешен претседавач за функционалноста на ОБСЕ и нејзината релевантност.
Во рамките на денешното учество, Димитровски зборувал и на панел-дискусијата посветена на 20-годишнината од усвојувањето на Акцискиот план за родова еднаквост на ОБСЕ, при што ја истакнал заложбата за конзистентна имплементација на политиките и процесите за овозможување на родова еднаквост низ регионот на ОБСЕ.