сабота, 27 јули 2024

Димитров: Полтронството на македонското раководство против националните интереси во енергетиката

Според податоците на Евростат за минатата година, Македонија беше прва на табелата по однос на највисоко ниво на раст на цените за електрична енергија, дури 327 отсто. Енергетските ресурси од фосилно потекло во Македонија се сиромашни. Немаме извори на нафта, ниту на природен гас. Јагленот со кој располагаме е со низок квалитет (лигнит) и го немаме во доволни количини. Во ваква ситуација дали слепата послушност на македонската политика кон политиките на Брисел и Вашингтон во однос на санкциите кон Русија е оправдана наспроти национачните интереси на земјата?

Објавено на

часот

Сподели

Македонија е увозно зависна земја во однос на електричната енергија. Според податоците на Државниот завод за статистика, во јануари 2024 година, вкупната потрошувачка по видови енергенти изнесува: 777.650 МWh електрична енергија, 44.243 мил. нм3 природен гас, 397.123 тони јаглен и 80.929 тони нафтени продукти. Бруто-домашното производство на електрична енергија учествува со 76,4 отсто во бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија, додека 99,4 % од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија.

Податоците на Државниот завод за статистика исто така покажуваат дека во второто полугодие од 2023 година, просечната цена на електричната енергија за домаќинствата во Македонија изнесува 7.289 денари по киловат час, што претставува пораст од 8,2 % во споредба со првото полугодие од 2023 година.

Дали раскинувањето на договорите на Македонија со традиционалните источни партнери во снабдувањето со енергенсите влијае на зголемената цена на енергетските ресурси? Дали солидарноста на Македонија со западните партнери е повисока од националните интереси? Растот на цената на електрична енергија и други видови енергетски ресурси може да предизвика сериозни економски проблеми за Македонија. Зголемувањето на трошоците за енергија ја зголемува енергетската неправедност помеѓу богатите и сиромашните. Негативниот ефект од зголемената цена на енергијата во индустријата и бизнисот воопшто веќе го видовме. Поголемите трошоци за енергија можат да ја заострат ситуацијата со сиромаштијата и недостатокот на социјална заштита, што може да доведе до социјални немири и нестабилност.

Од Регулаторната комисија за енергетика за МКД.мк велат дека во однос на снабдувањето на Македонија со гас и со нафтени деривати од Русија нема големи промени. Тоа е во тек, но Македонија мора да се сврти кон сопствено производство на електрична енергија и кон пронаоѓање на други партнери при увозот на гас и нафта, велат од РКЕ и го потврдуваат фактот дека капацитетот на гасоводот кој влегува во Македонија од Бугарија со руски гас не е доволно искористен.

Пред војната во Украина, Македонија енергенси купуваше на берза според потребите и според цената. Во делот на снабдување со природен гас бевме ориентирани кон Балканскиот цевковод, низ кој се транспортираше гас од Русија, преку Украина, Молдавија, Бугарија и Грција до Турција т.е. до Истанбул. Нашата врска е преку Бугарија.

И течните горива се купуваа на берза од различни трговци, а транспортот се остварува преку патен сообраќај. Железницата, најефтиниот транспорт, не функционира. И ова е показател за нивото на развојот на една земја.

Универзитетскиот професор Константин Димитров, кој го води и Центарот за енергетска ефикасност на Македонија, во разговор за МКД.мк вели дека откако им објавивме санкции на Русија и изјавивме дека не сакаме со рубљи да купуваме природен гас, ниту течни горива, снабдувањето се остварува преку берзите на енергенти, а плаќаме во долари или евра (ама не во рубљи, ниту јуани).

„Девизите ги купуваме на финансиските берзи, или стекнати од извоз на македонски продукти. Особен проблем е снабдувањето со гас, кога Бугарија најави зголемување на трошокот за ‘патарина’ при неговиот транспорт. Цената на природниот гас (метан) не е регулирана од РКЕ, туку слободна. Трговците се снаоѓаат секој според сопствените приоритети и врски. Но, во секој случај снабдувањето е отежнато. Кога немаш подолгорочен договор со квалитетен производител, трговец, цената е повисока во однос на стандардната. Со прекинувањето на политичките односи со Русија, се зголеми цената на природниот гас што го купуваме. Дури и да е руско производство, купувањето оди преку трети лица, јасно со дополнителна провизија. Нивото на таа провизија, според некои индикатори во медиумите,  не е пониска од 15-20 отсто“, вели професорот Димитров кој е и поранешен член на Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.

И нафтата од Русија, преку Индија и некои други земји, се пласира со покачена цена (провизијата). Тие што решиле да плаќаат со рубљи, прават директни договори, без посредник. Унгарија, иако е земја членка и на ЕУ и на НАТО, има таков договор со Русија.

„На актуелното политичко раководство приоритет му беше колку што е можно подолго да остане на власт.  Личните интереси се приоритет, на второ место партиските, а евентуално на трето или последно, националните. Тоа се однесува на ниво на надворешната политика, а со тоа поврзано е и економската, енергетската. Не се работи за солидарност, туку за најдолно ниво на полтронство. Ако мерка за успех е ‘дека си протерал 17 руски дипломати’, без да размислуваш дека си мала и слаба држава, дека треба во рамките на своите можности да не предизвикуваш, туку да смируваш, тогаш нема ни сенка од чување на националните интереси. Ние немаме вистински партнери. Ние сме единствено извршители на ‘препораките’ на ЕУ и САД администрацијата.

Од таа причина, нема да купуваме ефтини енергенти од Русија, туку скап течен гас од САД. Ако се работеше за солидарност, очекував да добиеме пониска цена за енергентите од ‘нашиве партнери’, како солидарност што целото наше оружје го подаривме, во име на солидарност на Украина. Некои наши комшии го продадоа“, вели професорот Димитров.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ