сабота, 27 јули 2024
Парламентарни избори 2024

ЗНАМ: Немаше преговари за идна коалиција и не повикуваме за кого да се гласа за претседател

Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски изјави дека досега никој од партијата не преговарал со кој било политички субјект, вклучувајќи ја тука и ВМРО-ДПМНЕ. На новинарско прашање одговори дека неговиот личен став е јасен дека нема да гласа за Стево Пендаровски, но дека членовите на партијата и граѓаните треба да гласаат по лично убедување.  Во Битола на прес-конференција Весна Бендевска, носителка на листата на ЗНАМ за ИЕ 5, рече дека ЗНАМ стана сериозна алтернатива на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Објавено на

часот

Сподели

На завршната прес-конференција пред изборниот молк Димитриевски изјави дека досега ниту еден претставник на ЗНАМ не преговарал со ниту еден политички субјект и најави дека ќе ги причекаат изборните резултати во среда по што партиските тела ќе донесат одлука за сите понатамошни чекори.

„До овој момент најодговорно тврдам дека ниту еден претставник на движењето ЗНАМ – за наша Македонија нема водено никакви разговори врз основа на какви било можни коалиции со кој било политички субјект. Ние подадовме рака кон раководството на СДСМ со одредени барања за кои, за жал, тие не успеаја да се надминат себеси и штитејќи ги своите лични интереси ја ставија во залог комплетно социјалдемократијата, а се повикаа на наводно своја социјалдемократија со што не одбија и нас и граѓаните. Немаме разговарано ниту со ВМРО-ДПМНЕ, ниту со било кој друг политички субјект во државата“, рече Димитриевски.

Прашан дали ќе дадат поддршка на кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Димитриевски рече дека неговиот личен став е јасен.

„Тоа што одредени медиуми го лиферуваа и поединци го разбираат како одреден став и кажување, тоа е нивна лична работа и нема да го коментирам. Мојот став е јасен. Имав став и јавно извинување до граѓаните дека го имам поддржано Стево Пендаровски во минатиот мандат и дека таа грешка нема да ја повторам, но тоа е мој личен и издвоен став. Што се однесува до гласањето на членовите на ЗНАМ, ние сме демократска партија и согласно таква демократија во партијата ги повикувам граѓаните по сопствено убедување да се произнесат за оној кандидат на кој сметаат дека треба да му ја дадат својата поддршка“, истакна Димитриевски и додаде дека е потребно да се избере претседател на државата за да се избегне политичка криза.

Очекувањата на Димитриевски за парламентарните избори се дека ЗНАМ ќе ги повтори бројките од првиот круг претседателски избори и дека тие бројки ќе бидат зголемени.

„Колкав ќе биде бројот, не можеме да претпоставиме бидејќи треба да се пресмета и одзивот. Очекуваме поголем одзив од страна на граѓаните, но како и да е, поддршката за движењето ЗНАМ на претстојните парламенарни избори, е поддршка од граѓаните и ние ќе се ставиме исклучиво во функција и коалиција со граѓаните“, рече Димитриевски.

Прашан дали ЗНАМ ќе влезе во влада имајќи предвид дека се залагаат за одложена примена на уставните измени, а генерално сите албански партии бараат донесување на уставните измени, Димитриевски рече дека доколку бидат дел од идната влада посакуваат да има и албански партии кои ќе ги прифатат нивните услови.

„Нашиот став за уставните измени е јасен. Што се однесува до соработка во владата и во кој состав би влегле, ние посакуваме доколку бидеме дел од идната влада, да имаме и албански партии кои ќе ги прифатат овие услови. Во спротивно, Македонија е унитарна, самостојна и независна држава која ги носи сите свои одлуки врз база на Уставот и законот. Се она што значи мнозинство од 61 пратеник плус е формирање на Влада. Каков етнички состав ќе има владата, тоа ќе биде дефинирано врз база на идните владини партнери. Потребно е да имаме претставник на моноетничките албански партии во владата, но секако не исклучувам и можност на соработка на повисоко ниво меѓу моноетнички и мултиентички партии како што е во овој случај ЗНАМ“, посочи Димитриевски.

На Широк Сокак во Битола Весна Бендевска изјави дека кампањата ја даде потврдата дека ЗНАМ стана сериозна алтернатива на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ по добиената сериозна поддршка од граѓаните во првиот круг од претседателските избори.


„Оваа енергија, оваа сила и синергија значи нов ветер в грб, за два дена заедно да го завршиме започнатото: Македонија, втемелена на Крушевските и Асномски постулати, да ја градиме како вистински демократско општество во кое се почитуваат човековите права ислободи без никаква дискриминација. Само такво општество може да се нарече праведно општество“, рече таа и додаде дека клучните вредности кои се основа на
идејата за почитување на човековите права се човечкото достоинство и еднаквоста.

Бендевска, исто така, рече дека во нивната Програма се залагаат за посебна заштита на правата на ранливите групи и заедници и лицата со посебни потреби, кои ќе мора да добиваат посебна заштита од државата за да можат целосно да се интегрираат во општеството, како рамноправни индивидуи.

Бендевска рече дека визијата на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија за тоа како треба да изгледа државата се темели на неколку вредности и принципи, а тие се: правда за сите подеднакво, обврски кон државата за сите подеднакво; нулта толеранција за корупција и брза и ефикасна борба против организираниот криминал – веднаш; без амнестија за никого што се огрешил по Устав и закон; секој да одговара за кривичните дела што ги направил, а украденото и одземеното од устата на граѓаните мора да се врати назад; под итно да се вратат укинатите одредби од Кривичниот законик со кого и власта и опозицијата си се самоамнестираа од делото –
злоупотреба на службена положба и овластување и зголемуљвење на казната
за тоа дело на затвор од минимум 10 години; кривичните дела за криминал и  корупција нема да застаруваат; да се укине доживотниот мандат на судиите и јавните обвинители, а судиите и јавните обвинители да одат на реизбор секои шест години, бидејќи само така ќе има можност за увид во квалитетот на нивната работа.

„Правда мора да има; без правда нема ниту правна држава, ниту лично и човечко достоинство, а без тоа – нема ни достоинствена Македонија“, рече Весна Бендевска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ