Целта на оваа платформа, потенцира, е да ги обедини сите политички фактори, да се изгради државен став со кој ќе се обезбеди и гарантира достоинствен пат на Македонија за остварување на стратешките цели – полноправно членство во ЕУ. Време е, порача Димитриевски, Македонија да ја вратиме на крушевските принципи, така како што пишува и пишале во Манифестот.
„ЗНАМ нуди платформа за национално обединување, за заедничко градење на силна, моќна, слободна и европска Макеоднија, во која сите граѓани се еднакви во правата и одговорностите кон идните генерации, платформа за мир, слобода и реален вистински соживот, бидејќи ова што денес го живееме, во општество каде децата ни се поделени од градинка и основно образование е само фикција, за земја која на секој граѓанин му обезбедува спокој, можност за развој и чувство на достоинство. Ве повикувам да се сплотиме околу заедничките вредности, да продолжиме напред на европскиот пат сите заедно со чест и достоинство. Доста е со поделби, раздори и не почитување бидејеќи Македонија е се што имаме“, повика Димитриевски.
Димитриевски рече дека е на иста линија со премиерот Христијан Мицкоски дека Македонија нема да прави повеќе отстапки на патот за членство во Европската Унија (ЕУ), затоа што досега направила отстапки како ниту една друга држава во ЕУ. За ова прашање, вели тој, премиерот има целосна поддршка од ЗНАМ.
На премиерот, кој присуствуваше на свечената академија, Димитриевски му порача дека „нѐ чека голема работа“ и дека ЗНАМ е тука „да го поддржи овој концепт за подобра иднина на македонскиот народ на граѓаните на Македонија и на наша Македонија“.
„Џабе ми е мене како Македонец било какво членство во меѓунбародна организација ако јас не се чуствувам во тој момент ништо помалку од Македонец. Секој Македонец кој ќе биде соочен со ова прашање во текот на евроинтегративниот процес ќе ви каже не, доколку треба да се погази нашиот идентитет, култура и континуитет“, рече Димитриевски во одговор на новинарско прашање по прославата на едногодишнината од формирањето на ЗНАМ.
Димитриевски се осврна и на претседателската кампања, кога, како што потсети, кажал една реченица, дека можеби е дојдено времето во Македонија повторно да се сплотат и спојат, како што рече, партизаните и комитите, како што некогаш во Втората светска војна нашите предци го направиле тоа.
Во врска со информациите дека министерката за надворешни и европски работи на Словенија, Тања Фајон рекла оти Словенија и Германија подготвиле нон-пејпер кој предвидува дека во претпристапниот процес на Европската унија нема можност за вето или блокада поради билатерални прашања, Димитриевски рече дека поддржува вакви и слични иницијативи кои ќе се вратат на основите на формирањето на Унијата.
„Поддржувам силно вакви иницијативи. Всушност таквите барања се во духот на Шуман и Моне како елементарна матрица за основање на ЕУ бидејќи тоа е идејата на Унијата да се заштитат помалите во однос на поголемите. За жал во моментов согласно поставеноста и постоечките правила во ЕУ секогаш поголемите ги користат моментите како членки на ЕУ да ги решат билатералните прашања. Нашето прашање со Бугарија е отворено и наметнато од една страна, тоа е нивната страна и во континуитет негациите доаѓаат оттаму, рече Димитриевски.
Тој додаде дека во моментот на прифаќање на таканаречениот француски предлог земјава де факто разговара и преговара со ЕУ.
„Сметам дека не може еден таков систем како Унијата кој треба да ги штити интересите на малите да преговара за еден билатерален спор. Мора да се вратиме назад или да замижиме и да продолжиме напред, но да ги зачуваме нашите национални интереси“, рече Димитриевски.
Тој не очекува дестабилизација на државата, иако, како што нагласи, има обиди пред се поради тоа што ДУИ не може да се соочи со реалноста дека не е составен дел на мнозинството.
„За мене ова е разбирливо се игра со политичкиот простор и со граѓаните на национални теми. За нас Охридскиот рамковен договор е во целост исцрпен и реализиран и тука нема што повеќе да се дискутира“, рече тој и додаде дека како држава не може и не смее да бидеме заложници на старите навики за континуирана дестабилизација во моменти кога некој политички субјект не е задоволен каде е позициониран.
Смета дека во однос на ова прашање и кој политички субјект колку има доверба и како е позиционирана ќе биде уште појасно по претстојните локални избори.