сабота, 27 јули 2024
Прво рочиште против градоначалникот на Куманово

Димитриевски: Монтиран судски процес од сегашни и поранешни властодршци

На денешното прво судско рочиште против кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, обвинителството го промени обвинението, дел од доказите ги повлече и предложи нови докази.

Објавено на

часот

Сподели

Основниот суд во Куманово го одложи рочиштето против градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, затоа што неговата одбрана побара време да биде запознаена со новите докази што денеска ОЈО Куманово ги предложи како нови пред судот. На ова реагираше дел од одбраната на оштетените со образложение дека сведоците во овој процес остануваат исти и затоа нема пречка рочиштето да се одржи. Сепак, одбраната побара, а судот се согласи, рочиштето да биде одложено и поради тоа што Димитриевски има обврски како претседателски кандидат околу кампањата и одржувањето на изборите.

Тој кажа дека континуирано се случуваат нарачки од „високи“ носители на политички функции од власта, за кои рече ги злоупотребуваат институциите.

– Тие се лидершипот на власта, претседатели, потпретседатели, поранешни носители на високи функции вечни министри…Недозволиво е уште необјавена одлука од Уставен суд, адвокатот кој застапува една од страните во постапката да ја објави одлуката. Тоа покажува длабока поврзаност со највисоките судски органи во власта. Функциите во независната судска власт се избираат од политичари, тука е заглавен системот, кој е узурпиран и е во функција на политичка елита на власт, без разлика дали се едните или другите. Овој случај е политички монтиран и единствено што сакаат е да ми наштетат, аво контекст на изборите, рече Димитриевски.

Димитриевски изјави дека верува во институциите на системот и покрај тоа што во кумановскиот суд има „големи осила“, но има и „пчели кои ги почитуваат законите“.

„Ниту сум спречил, ниту ќе спречам некој да гради згради висококатници, но кога се работи за училишта, медицински објекти, тоа е јавен интерес и јас сум должен да го штитам. Ова е фарса во контекст на избори и сметам дека ќе доживее фијаско, ќе оставиме на времето. Ќе се заложам максимално од позицијата за која претендирам да го демонтираме овој судски систем кој постои во соработка со обвинителскиот и МВР во целост“, рече Димитриевски.

Бобан Спасовски, сопственик на фирмата УПМ груп и еден од оштетените изјави дека тоа е познатата слика на Димитриевски кој се прикажува, како што рече, како вечна жртва. Според него, одлуките од надлежните судови не може да не се почитуваат како што тоа го прави градоначалникот Димитриевски.

„Ова е чиста злоупотреба, борбата трае две години ни одземаше права. Единствен начин е да ја бараме правдата преку институциите што и го правевме изминатиот период. Два пати поднесовме инцијатива до Уставниот суд кој два пати ја прифати, еднаш ја поништи одлуката со која имаше намера да ни наштети. Градоначалникот не знае што е урбанизам и не смее да не ги почитува одлуките на Управниот и на Уставниот суд како и одлуките на Министерството за транспорт и врски. Целокупшната штета за која бараме обесштетување заедно со каматите, веројатно ќе достигне 2 милиони евра и за жал, тоа ќе мора да го платат граѓаните“, изјави Спасовски.

Тој посочи дека Управниот суд донел правосилна пресуда, но и таа не била почитувана од Димитриевски. ДУП-от, рече тој, донесен е во декември 2021 година токму на предлог на градоначалникот, изгласан од сегашниот состав на советот и нагласи дека откако дознал Димитриевски дека двете фирмите, меѓу кои и онаа на Спасовски имаат градежни парцели во истиот опфат, тогаш почнале опструкции.

„Не станува збор за јавен интерес како што вели градоначалникот. Прво не сакаше да ја продолжи постапката, донесе една одлука на совет, таа ја обжаливме на Уставен суд кој ја поништи таа одлука. Не сакаше да почитува. Министерството за транспорт и врски како повисок орган му ги поништуваше решенијата и нив не сакаше да ги почитува“, рече меѓу другото Спасовски.

Според него, станува збор за објект од седум ката, а не од 11 како што тврди градоначалникот Димитриевски и судот како што рече Спасовски, верува дека ќе донесе правилна одлука.

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски е обвинет за злоупотреба на службена положба и овластувања, по кривична пријава поднесена од две кумановските градежни фирми за случај со недобивање дозволи за градење на висококатници во Куманово. Следното рочиште е закажано за 30 април.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ