Според министерката, странските директни инвестиции го надминале и рекордното ниво од 2022 година за 70 отсто.
„При тоа е значајно дека растот на СДИ е изразен не само во апсолутни износи, туку и како учество во БДП. Така во однос на проектираниот БДП за 2024 година, реализираните СДИ изнесуваат 8,1 отсто, што е највисок износ уште од 2007 година. Поконкретно за споредба, во целиот 15-годишен период 2008-2023 година, СДИ ниту еднаш не надминаа шест проценти од БДП. На овој начин потврдуваме дека ја менуваме економската слика за државата која со години беше девастирана и покажуваме дека системот се менува и има промени и работиме на враќање на довербата во системот“, рече Димитриеска – Кочоска.
Највисок износ на СДИ во 2024 година, нагласи, е забележан во четвртиот квартал, кога изнесуваа скоро 400 милиони евра, односно за 73,3 отсто повеќе во споредба со претходната година.
„Во однос на видот на инвестиција, СДИ бележат рекордно високи износи кај двата вида, сопственички капитал и реинвестирање на добивката и должничките инструменти. Сопственичкиот капитал и реинвестирањето на добивката во 2024 година изнесуваа 569 милиони евра, што е раст од 38,4 проценти во однос на претходната година. Висок раст бележат и должничките инструменти, коишто ги опфаќаат средствата и обврските од и кон поврзаните претпријатија во странство, и тоа заемите на меѓусебно поврзаните субјекти, трговските кредити и аванси на меѓусебно поврзаните субјекти, како и средствата и обврските врз основа на останатите должнички инструменти на меѓусебно поврзаните субјекти. Оваа категорија е всушност и главен двигател на високиот раст на СДИ, со реализирани 686 милиони евра, износ кој е четири пати повисок во споредба со претходната година. Во најголема мера, растот кај должничките инструменти е резултат на должничките инструменти вложени од страна на странските директни инвеститори во домашните претпријатија во кои инвестирале“, истакна министерката за финансии.
Најголем износ на СДИ од 256 милиони евра, додаде, се реализирани од Обединетото Кралство, при што речиси сите се во форма на должнички инструменти дадени од британските директни инвеститори во домашните претпријатија во кои инвестирале. Друга земја со забележително учество е Германија, која и покрај состојбата во нејзината економија и понатаму има висок интерес за инвестиции во Македонија, потоа следуваат Турција, Холандија, Австрија, Грција…
Најголем дел од странските инвестиции, како што истакна, се во производството, 408 милиони евра. Значително ниво на инвестиции било реализирано и во градежништвото, услугите и кај електричната енергија.
„Ваквиот тренд очекуваме да продолжи и во 2025 година. Инвестициите се нашата база на која ги креираме политиките за раст на економијата, која е основата за подобрување на состојбите во земјата, вклучително и стандаредот на граѓаните. Пред нас е многу работа, затоа што она што го наследивме бара многу напори и време за да се стабилизираат состојбите“, нагласи Димитриеска-Кочоска.
На новинарско прашаење за тоа колку од странските инвестииции се нови компании, нови вложувања и нови работни места министерката посочи дека минатата година имало отворање нови работни места во однос на постоечките капацитети.
„Првиот доказ дека Владата работи во насока на поддршка на команиите е приватниот сектор и тоа што тие се одлучиле да ги остават парите тука и да ги инвестираат. Имате ситуации во одредени компании коишто помиуваат низ потешкотии меѓутоа и понатаму вложуваат во Македонија. Тоа е сигнал дека тие веруваат на Владата и затоа сакаат да останат тука и периодот додека им е тешко да го надминат со тоа што ќе ги задржат работните места, ќе отворат нови работни места и ќе продолжат да работат во државата“, нагласи министерката за финансии.
За 2025 година потсети дека се најавени доста инвестиции, кои ќе отворат нови работни места.
„Износот којшто денес го кажувам е во насока на тоа да споделиме со граѓаните дека инвеститоирте и веруваат на владата. Целта е тоа. Никој нема да остави пари тука независно дали се во форма на позајмици сопственички капитал иако кажавме дека сопственичкиот капитал и реинвестираните добивки тоа значи е дел од сопственичкиот капитал имаат раст од 38,4 проценти. Што јасно покажува и тоа исто така рекордно ниво јасно покажува дека тие компании сакаат да се шират на македонскиот пазар. Тоа дава јасна цел на Владата дека продолжува“, истакна Димитриеска-Кочоска.