понеделник, 27 мај 2024

Дигитализација на творештвото на Анте Поповски во Градската библиотека во Скопје

Градска библиотека „Браќа Миладиновци“– Скопје потпиша договор со Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски – Антево перо за добивање дигитализирани материјали од неговиот опус, како и правата за дигитализација на книги и некнижен фонд од неговата приватна архива. Од библиотеката и од здружението велат дека целокупното творештво и дејност на великиот Анте е од непроценливо значење за македонската култура и, како што додаваат од библиотеката,  како институција се должни да го заштитат и промовираат денес, но и да го остават достапно за идните генерации.

Објавено на

часот

Сподели

„Наша должност како библиотека е да го чуваме творештвото на македонски јазик, од македонските великани, од оние кои пред нас го трасирале патот на македонската култура и општество. Една од тие фигури е секако и Анте Поповски, не само како поет и академик, туку и како значаен општественик и голем борец за зачувување и промоција на македонскиот јазик и македонското прашање во 20 век. Нашите ресурси и знаење, посебно Одделот за дигитлизација, годинава, меѓу другото, го ставаме во функција на преземање дигитализирани единици или дигитализирање нови во координација со Здружението Антево перо. Силно веруваме дека творештвто на Анте допрва ќе се истражува и анализира од повеќе апсекти и во повеќе научни области“, изјави директорката на библиотеката Снежана Стојчевска.

Среќни сме што Градската библиотека силно го вреднува опусот на Анте, но и нашите напори за неговото зачувување и постојано промовирање, рекоа од Здружението Антево перо.

„Дигитализацијата на најголемиот дел од неговите книги, фотографиите и дел од личната преписка со значајни творци од 20 век е направена од Атина Цветаноска, член и еден од основачите на Здружението Антево перо. Овие материјали во дигитална форма ги отстапуваме на библиотеката, бидејќи тоа значи поголема достапност за што повеќе почитувачи на антевото дело, идни истражувачи на неговото творештво, неговата општествено-културна работа и силните заложби за зачувување на македонскиот јазик“, кажаа Александар и Жорж, синови на Анте Поповски и основачи на Здружението.

Дигитализираните единици ќе се поставуваат на платформата Дигитална библиотека во посебна секција. Во првата фаза, предвидено е поставување дигитална верзија од книгите: „Одблесоци“, „Вардар“, „Непокор“, „Камена“, „Тајнопис“, „Љубопис“, „Сина песна“, „Глас од дамнина“, „Провиденија“„Света песна“ и „Две тишини“. Исто така, ќе бидат поставени и фотографии од личниот и професионалниот пат на Анте, почнувајќи од најстарата зачувана фотографија од  1932 година на која тој има само една година и е заедно со родителите.

Во делот со преписките ќе бидат поставени дигитализираните верзии од коресподенциите со двајца добитници на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата Рафаело Алберти (1979) и Хусто Хорхе де Падрон (1990), меѓу другото многу значајни и за македонскиот јазик и идентитет.

Договорот за дигитализација на творештвото на Анте Поповски се совпаѓа и со два големи јубилеја 60 години од објавувањето на неговата книга „Непокор“ и 40 години од објавувањето на „Сина Песна“.

На крајот од оваа година предвидена е и јавна презентација на сработеното пред студентите по филологија, односно идните потенцијални проучувачи на животот и делото на Анте Поповски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ