петок, 23 февруари 2024
По извештајот на УНИЦЕФ

Диџовани: Македонија е меѓу земјите со најдобра грижа за децата одвоени од семејствата

„Ако направиме споредба со состојбата на децата во Северна Македонија, мора да признаеме дека земјата се рангира на првите места кога станува збор за грижата за децата чии семејства  од различни причини не можат да се грижат за нив или се одвоени од своите деца. Земјата успеа да ги трансформира сите големи институции за деца и денес ниедно дете не е сместено во големи институции. Стапката на деца во други форми на згрижување е 24 на 100.000 деца, што е десет пати под регионалниот просек, и сите деца се згрижени во мали групни домови“, изјави претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Патриција Диџовани по повод извештајот на организацијата.

Фото: УНИЦЕФ.орг

Објавено на

часот

Сподели

Според извештајот на УНИЦЕФ речиси половина милион деца или 456.000 деца во регионот на Европа и Централна Азија живеат во установи за згрижување, вклучително и големи институции и други установи како што се малите групни домови. Во извештајот се истакнува дека стапката на деца кои живеат во установи за згрижување низ Европа и Централна Азија е двојно поголема од глобалниот просек, односно, 232 на 100.000 деца живеат во установи за згрижување во споредба со 105 на 100.000 деца на глобално ниво.

„Напредокот на земјата подразбираше долг процес и е резултат на децениската посветеност на повеќе влади на реформите за деинституционализација. Понатаму, тоа беше резултат на континуираната посветеност за зајакнување и инвестирање во алтернативни начини на семејно згрижување. Сега, 82 отсто од сите згрижени деца во државата добиваат семејна грижа,  во згрижувачки семејства или преку роднинско згрижување.

И додека многу земји во Европа и Централна Азија треба да поминат долг пат пред да стават крај на наследеното институционално згрижување на децата, Северна Македонија има единствена можност да биде една од првите земји во регионот што ќе постигне секое дете да расте во семејна средина“, вели Диџовани и додава:

„Сите политички партии се подготвуваат за претстојните парламентарни избори. Сега е време да се преземат обврски за затворање на оваа незавршена агенда, за секое дете, денес и во иднина, да го ужива своето право да расте во семејна средина полна со љубов“.

Во извештајот се вели дека треба да се земе предвид дека од 2019 година, децата кои се згрижени од државата, се сместени во еден од шеснаесетте мали групни домови низ целата земја. Иако малите групни домови се подобра алтернатива од големите институции како што се домовите за деца без родители, местото на детето е во семејна средина.

„Следните чекори треба да опфатат конкретни планови за постепено затворање на малите групни домови и  секое дете згрижено од државата да биде сместено во алтернативни форми на семејно згрижување. За тоа да се постигне може да бидат потребни неколку години, но заложбите и работата треба да започнат сега. Во тој контекст, неопходни се инвестиции за зајакнување на сите форми на услуги од згрижувачи, вклучувајќи специјализирани згрижувачки семејства за деца во ризик, згрижувачки семејства за итни случаи и натамошно инвестирање во други форми на семејна грижа.

Државата треба да продолжи со инвестиции во системи и услуги коишто ќе помогнат семејствата да останат заедно. Конкретните планови опфаќаат  инвестирање во превенција и поддршка на семејството преку воспоставување механизми за упатување на семејствата до најсоодветни услуги и грижа, како и  поддршка за навремена идентификација и интервенција за децата во ризик, компетентна работна сила во социјалните служби, и услуги за поддршка на семејството за да се спречи непотребното одвојување на децата од семејството. Треба да се инвестира во спроведување на националната стратегија за родителство, за сите родители, а особено оние со комплексни потреби, да ја добијат потребната поддршка за децата да растат во својата сопствена семејна средина.

За жал, ќе има моменти кога нема да биде можно, нема да е безбедно или нема да биде во најдобар интерес на детето да живее со своето семејство, и затоа секогаш ќе има потреба од висококвалитетни алтернативни форми на семејно згрижување. Државата треба да обезбеди најдобриот интерес на децата да биде водилка во сите одлуки за децата. Притоа е важно да се зајакне процесот на посвојување за да биде усогласен со меѓународните стандарди и најдобриот интерес на детето. Потребни се промени како што е  селекција на посвоителите, зголемување на максималната возраст на посвоителите, воведување опција згрижувачите да посвојат дете кое било долготрајно згрижено кај нив. Неопходна е заложба за  усогласување со меѓународните стандарди и остварување на правото на децата да бидат информирани за нивното посвојување и да го знаат идентитетот на нивните биолошки родители, доколку сакаат.

Исто така има потреба од инвестирање за да се  подобри поддршката за лицата кои биле згрижени и почнуваат самостоен живот. Децата кои излегуваат од установите  често се оставени без соодветна заштита, насоки и поддршка, оставени сами на себе да носат одлуки, па дури и се повторно изложени на ризици кои постоеле пред да бидат во државна грижа. Неопходни се инвестиции  во програми и поддршка за да  можат да ја планираат својата иднина, да имаат вештини и средства за да започнат независен живот.

И на крај, имајќи предвид дека, во споредба со децата без попреченост, поголема е веројатноста децата со попреченост да бидат сместени во установи за згрижување, неопходни се заложби за  инвестирање во сеопфатна, заедничка акција на сите општествени фактори за инклузија на децата со попреченост во општеството. Децата со попреченост можат да го остварат својот целосен потенцијал ако општеството го промени начинот на кој ги гледа, а инклузијата може да се подобри само ако ги отстраниме бариерите што го спречуваат нивното учество. Потребно е да се дејствува повеќесекторски за тие да можат да го остварат својот целосен потенцијал и да го заземат местото на кое имаат право во општеството“, вели Диџовани.

Таа додава дека во извештајот е наведено дека се добро документирани негативните ефекти на одвојување од семејството и институционализација врз здравјето, развојот и добросостојбата на детето. Децата што немаат можност да растат во поттикнувачка околина исполнета со љубов, со поддршка од грижливи родители кои соодветно одговараат на нивите потреби, често се сооочуваат со емотивна запоставеност и поголема стапка на злоупотреба и експлоатација,што ги изложува на проблеми со менталното здравје, психолошки стрес и траума. Доколку државата ја задржи посветеноста на завршување на оваа агенда, ќе има можност да создаде услови за секое дете да ги оствари своите највисоки потенцијали, порачува УНИЦЕФ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ