Пауло Дибала минатата недела беше на чекор до трансфер во Ал Кадсија, Аргентинецот го испразни шкафчето во тренинг центарот на Рома и се поздрави со соиграчите и персоналот.
Сепак, тој во последен момент се предомисли и реши да остане на Олимпико во Рим.
Во разговор со Скај Италија, Пауло Дибала беше запрашан зошто одбил 75 милиони евра за тригодишна соработка?
„На сите првото прашање им е за парите. Ставив многу работи на кантар, како моето семејство, мојата сопруга, градот, тимот, желбата да се вратам во репрезентацијата на Аргентина. Имам 30 години, се чувствувам добро, и покрај тоа што добивам многу критики за моите повреди“ – вели напаѓачот.
„Јасно е дека не можам да кажам дека не размислив добро кога видов колку пари ми нудат, но во предвид мора да земете еден куп други работи, и затоа донесов таква одлука“.
Запрашан како реагирал неговиот агент, кој остана без богата провизија, Дибала рече: „Ова не менува ништо за мојот агент. Некои луѓе велат дека и тој загубил многу пари, но тоа не е точно. Тој сака јас да бидам среќен. Тој не е само мојот агент, тој исто така ми е и пријател“.