петок, 21 јуни 2024

Џафери: Опозицијата ја опструира работата на Собранието и создава лажна претстава дека се работи спротивно на Деловникот

Објавено на

часот

Сподели

„Проѕирна е намерата на опозицијата, која сите овие години ја опструира работата на законодавниот дом и оневозможува донесување на битни закони за граѓаните,  и овој пат да создаде лажна претстава во јавноста дека претседателот на Собранието на Република Северна Македонија постапува спротивно на Деловникот. Токму Деловникот ги демантира нелогичните обвинувања дека претседателот Џафери сторил нешто надвор од своите надлежности“, пишува во соопштението од собраниската прес-служба.  

Во него се објаснува дека според членот 95 од Деловникот, Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. Како што се додава, претседателот на Собранието го соопштува бројот на пратениците што гласале „за“, „против“ или „воздржано“, како и бројот на пратениците што се присутни. Претседателот на Собранието може да определи да се утврди бројот на присутните пратеници со броење. Утврдениот број на присутни пратеници се смета за точен сè додека претседателот или еден пратеник, чие барање го поддржуваат најмалку десет пратеници, не побара повторно да се утврди бројот на присутните пратеници.

„Според тоа, во текот на вчерашниот ден вратите на салата беа затворени за да можат собраниските служби да го утврдат бројот на присутни пратеници, односно дали има кворум за да се премине на гласање. Со оглед на тоа што во салата со куполи, каде што во овој период се одржуваа пленарните седници нема соодветна опрема, се воспостави пракса координаторот да составува листа од присутни пратеници пријавени за збор.

Од тој аспект, Деловникот дозволува можност за затворање на вратите на салата, на барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник, поддржан од најмалку десет пратеници. Поточно, членот 97 од Деловникот на Собранието на Република Македонија предвидува дека за време на поименичното изјаснување на пратениците вратите на салата во која се одржува седницата на Собранието се затвораат и не се дозволува влегување и излегување на пратениците сѐ додека трае поименичното изјаснување. Гласањето може да се врши и со поименично изјаснување на пратениците. Поименично изјаснување може да се врши заради точно утврдување на резултатот од гласањето, по барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник чие барање го поддржуваат најмалку десет пратеници, само ако предлогот за кој се гласа добил до пет гласа повеќе или помалку од потребниот број гласови за негово донесување. Поименичното гласање се врши со изјаснување на секој прозиван пратеник со ‘за‘ или ‘против‘ предлогот или со воздржување од гласањето. Доколку пратеникот кога е повикан да гласа не е присутен во салата, не може дополнително да гласа. За време на поименичното изјаснување на пратениците вратите на салата во која се одржува седницата на Собранието се затвораат и не се дозволува влегување и излегување на пратениците се додека трае поименичното изјаснување“, стои во објаснувањето.

Исто така, Деловникот, поточно членот 91 предвидува дека за одржување на редот на седницата се грижи претседателот на Собранието. За повреда на редот на седницата, претседателот на Собранието може да го опомене и да му го одземе зборот на пратеникот.

„Сосема јасно е дека претседателот на Собранието во ниту еден момент не го прекрши Деловникот во текот на вчерашното продолжение на 71.седница, туку дека тоа, како и илјадници пати досега, го направи опозицијата, со своето недолично однесување, со цел да создаде хаос во законодавниот дом, служејќи се со слични методи како и на 27 април 2017 година.

Претседателот на Собранието нема да дозволи ВМРО-ДПМНЕ на таков начин да ја девалвира парламентарната демократија во земјава. Претседателот на Собранието и досега и во иднина ќе продолжи да работи согласно Деловникот, Уставот и законите, во интерес на граѓаните“, се додава во соопштението. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ