понеделник, 9 декември 2024

Девојче исчезнало пред 40 години во Ватикан, папата Франциско сака да ја реши мистеријата

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за 15-годишна ќерка на ватикански службеник, која не се вратила дома на 22 јуни 1983 година, по часот музика во Рим, пишува Ројтерс. Како што наведува британската агенција, во текот на изминатите четири децении беа отворани гробници, беа ексхумирани коски, а има и еден куп теории на заговор кои ги следат обидите да се утврди што се случило со Орланди.

Случајот, кој беше предмет на постојани истраги во Италија и Ватикан, привлече ново медиумско внимание низ светот откако на крајот на минатата година беше објавена серијата на Нетфликс „Ватиканка“.

Главниот обвинител на Ватикан Алесандро Диди во јануари повторно ја отвори претходната неубедлива ватиканска истрага, откако го наследи досието од својот пензиониран претходник. Постариот брат на Емануела Пјетро и семејниот адвокат Лаура Сгро се сретнале со Диди во Ватикан вчера попладне.

Диди кажа дека папата Франциско сака „вистината да излезе без какви било резерви“ и дека поглаварот на Римокатоличката црква има „железна волја“ во врска со случајот. Различни теории за исчезнувањето на Орланди се шират со децении.

Во осумдесеттите години од минатиот век италијанските медиуми шпекулираа дека таа била киднапирана во обид да се обезбеди слобода за Мехмет Али Агџа, Турчинот затворен во 1981 година поради обидот за убиство на папата Јован Павле Втори, но таквите нагаѓања со време беа отфрлени.

Друга теорија на заговор ја поврзуваше со гробот на Енрико де Педис, мафијаш погребен во римска базилика. Неговата гробница беше отворена во 2012 година, но ништо не беше откриено, а Диди кажа дека сомнежот на врската меѓу исчезнувањето на девојчето и римскиот криминален клан била преценета.

Полицијата никогаш не ја исклучи можноста Емануела Орланди да била грабната и можеби убиена од причини кои немаат никаква врска со Ватикан, или дека била жртва на трговија со луѓе.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ