„Седуммина беа под третман во операциските сали. Повредените кои се префлени во Ургентниот центар имаат изгореници од два до 28 отсто на телесната површина и тоа е иницијална проценка од ноќеска. Дел од повредените имаат изгореници на горните дишни патишта“, изјави утрово Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за изгореници, пластична и реконструктивна хирургија во Универзитетскиот Клинички центар на Србија.
Според него, сите повреди лекарите на Клиниката ги третираат како – тешки телесни повреди опасни по живот.
„Еден пациент е на механичка вентилација, тој има најтешки повреди. Повреди има на бронхијалното стебло што се исклучително сериозни. Засега е неблагодарно да се прогнозира за понатамошната состојба поради специфичноста на повредите. Се надевам во следните денови ќе биде појасно за секој пациент“, изјави Стојичиќ.
На Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград од Скопје синоќа се префлени тројца пациенти.
„Во текот на ноќта и утрово сме во постојан контакт со колегите од ВМА за состојбата на пациентите. Знаете, лекувањето изгореници е долготраен процес што трае со денови и недели“, изјави доктор Стојичиќ.