четврток, 26 декември 2024

Дестинација Катманду

Објавено на

часот

Сподели

 

Мојата права љубов со Катманду беше шокантна, речиси вознемирувачка. Хаотичноста на градот, сообраќајот во кој главна улога освен возилата имаат и сирените, свирките, буката, правот, загаденоста, пепелта над главата и калта под нозете. Дождот! Расквасените искршени улици. Децата заспани врз влажната земја. Кучињата до децата, еднакво заспани, стари и млади, големи и помали, црни и раскрвавени, со болви или испосечени, болни и здрави, со сите делови на нив или без нешто што многу недостига. Старите рикши, накитени и обоени, и нивните уште постари стопани со лица од градот исцртан од брчките. И повторно дождот!

 

Темнината се спушта брзо зад претпладнето. Катманду ми заличи на една огромна страшна маска, една од оние безбројните закачени по ѕидовите, пред раскантаните дуќани на мајсторите за маски. Се плашев дека таа маска ќе оживее и дека, кога тогаш, ќе ме проголта.

На неасфалтираниот пат што ме водеше до хотелот, две момчиња се капеа на маалската чешма. Врнеше. Беа потполно голи. Се триеја со калта и потоа се полеваа со кофите. Се смееја гласно, поради тоа и се завртев. На миг помислив дека сонувам и дека ќе се разбудам во некој друг град. Кога навистина заспав, калта веќе беше насекаде. Се претвораше во жив песок, ме џвакаше. Лежев испружена на грбот, со главата завртена кон небото. И тонев во тој песок. Очите ми беа горе на небото, и оттаму се гледав себеси, долу. Не чувствував ништо. Стравот го немаше, а со моите очи гледав на себе како на некој што едвај го познавам. Беше тоа мешавина од тага и сочувство! Знаев дека Катманду ми се одмаздува. Сега, со моите очи ми враќаше за оној ист поглед со кој предмалку ги гледав и заспаните деца, и кучињата до нив, и рикшите, и улиците, и уличните продавачи на маски. Ми се смееше гласно, поради тоа и се разбудив. Новиот ден над градот се расонуваше во необјаснива светлина. Надвор, улиците сосема го имаа проголтано дождот. Дури ни калта ја немаше. Продавачите на маски ги вадеа дрвените маски пред портите, старите рикши беа дотерани со цвеќиња, а нивните уште постари возачи сега беа со измазнети лица. Кучињата трчаа низ плоштадот Дурбар. Зад нив трчаа децата. Насмеани и боси. И во истите алишта од лани.

Од Дурбар до Тамел

 

Децата на Катманду

Плоштадот Дурбар е срцето на Катманду. Изобилува со скитници, бездомници, питачи, продавачи, секакви садуа, тезги и храмови, и божества од камен. Тука живее и Кумари, живата божица. Излегува надвор на големите празници. Три века ги благословувала кралевите, а сега го благословува и претседателот. Носи огромна тика на челото, има очи обоени во црно и накит што е потежок од раскошната облека. Не смее никој да ѝ го дознае името, ама сите ќе ѝ ја дознаат првата менструација. Со неа, таа ќе престане да биде божица.
Преку Дурбар се стигнува до Тамел, најтуристичкиот дел од градот, каде книжарниците се еднакво чести како и рестораните, кројачниците, берберниците и месарниците. Тесните улички на Тамел се претрупани со луѓе, возила и рикши, кои едвај се разминуваат без да се потчукнат. Кројачниците се тесни колку да соберат најмногу двајца, кројачот и муштеријата. Купувачот може да избере од готовата понуда на креаторот, стокмена во универзални броеви, или да нарача по мерка од понудениот избор на материјали, кои најчесто се светкави, со орнаменти или рачно извезени. Креацијата би била готова уште утре! Потоа, кројачот легнува на широкиот кревет (заради кој е и претесен дуќанот) и почнува да ја создава облеката. А кога муштерии нема, може само да си лежи на креветот и оттука да гледа што се случува надвор, на улицата. Меѓу улицата и кројачницата не постои врата. Нема врати ни на берберниците, мајсторот си ја врши работата а за неговите муштерии прифаќа коментари од минувачите. Третманот е сеопфатен, од потстрижување до бричење. Берберниците немаат кревет па изгледаат малку поудобно. Сè се случува на само два метра квадратни. Тука е и стол, и муштеријата, и чекалницата, и мајсторот и ножиците… А тука се и соседите. Дошле на муабет кај стариот мајстор.

Месарница

Месото се продава на тезга и тоа се вика месарница. Месарот ќе го пресече со истиот нож што претходно го остреше од калливиот камен. Тезгата е валкана, месото има повеќе бои, а лимот врз кое е легнато е поцрвенет од крвта. Продавачот е љубезен, и ако купите парче ќе ви го завитка во весникот од завчера, зашто вчерашниот сè уште го чита.
Рестораните надоаѓаат како утеха. Странците јадат во тамел зашто се наоѓа и европска храна, а може да се нарача и француско вино што чини нешто помалку од она во Франција. Таму каде што јадат странци, не јадат Непалците, и обратно. И едните и другите се плашат од дијареа. Во Тамел јасно се гледа кој е странец, а кој е домаќин. Сепак, сите вечерта би можеле да ја поминат тука, едните за дваесетина центи, другите за дваесетина евра. Меѓу нив е улицата. Ноќе таа мириса на скапо индиско кари и евтино тибетанско момо.

Асан

 

Неподнослив метеж на улицата Асан

Улицата Асан е неподнослива, барем за оние што се дојдени од Западот. И до неа се приоѓа од плоштадот Дурбар, само од страната кон исток. Метежот е неспоредливо поголема од онаа на Тамел. Тука буквално се продава сè и сешто, сè што е распослано по земја, закачено по ѕидовите, во кошници над велосипедите, во раце на продавачите, во дуќаните и околу нив, се што лета во воздухот, или барем така ми се чини. И боговите се тука, па жителите на Катманду, во целата таа мешаница, не забораваат да застанат пред нив и да им се поклонат. Сигурна сум дека жителите на Катманду, впрочем како и сите Непалци, летаат. Дури и кога ова летање ќе се сфати како приближен опис на она што го гледаат очите, за Асан тоа не важи. Летањето тука е буквално, иако се изведува без крилја.

Боднат

Во миговите на акутна депресија кон домот, уживав да навраќам во Боднат. Особено навечер, кога ступата е осветлена. Во црвени наметки, ламите се движат околу ступата во насока на стрелките на часовник. Над маслото од јак се палат светилки. Посветените легнуваат на земјата и повторно стануваат по стотина пати. Склопените дланки ги ставаат на челото, ги симнуваат до градите, и најпосле се спружуваат сосема долу на земјата, протегајќи ги рацете кон ступата. Понекогаш се заморував гледајќи во нив, но тие не се заморуваа од тоа што го прават. Тркалцата на кармата се вртат постојано. На некои од нив се изрезбани молитвите, а внатре, на белиот завиткан лист, испишани се со рака уште стотици такви молитви. Ом мани падме хум. Кога тркалцето ќе се заврти со раката, тие молитви полетуваат кон небото. На патот кон небото, „ом мани…“ се мултиплицира онолку пати колку што е молитвата испишана внатре во тркалцето. Над Боднат небото воздивнува од молитви. А на полна месечина, Боднат и небото се едно.

На полна месечина, Боднат и небото се едно

Грандиозната ступа е објект за молитва на Тибетанците што живеат во Непал. Центар е за ламите што доаѓаат до Тибет, Бутан, Сиким, Ладак, Кашмир…, појдовна е и завршна точка на сите оние што патуваат за Тибет и сите што оттаму се враќаат, храм е за бегалците што во 1959 го напуштиле Тибет. Боднат е една од најголемите и најстари ступи во Азија. Се верува дека таа е изградена во 4 век, со што сведочи за раната љубов меѓу Тибет и Непал.
Вообичаено на ступата има осум насликани очи, по две што гледаат на четирите страни на светот. Има и тринаесет скалила што водат до просветлувањето, тринаесеттото е самата нирвана. Околу ступата се закачени молитвени знаменца, висат во пет различни бои, симболика на петте елементи. Оган, вода, воздух, земја и небо. Знаменцата се викаат тарчок. Над нив се отпечатени барањата на луѓето до боговите. Тарчок може да се најдат насекаде, покрај далечните манастири подигнати на планините, кај светите текови на реките, висат од куќите, треперат над улиците на Катманду. Кога ветерот ќе помине низ нив, тие ќе се завиорат, а мантрата ќе се разнесе во сите насоки.

Свајамбунат

Малку понастрана од Катманду, но бездруго со најубав поглед на градот, се наоѓа ступата Свајамбунат, каде што еднакво доаѓаат и будистите и хиндуистите и ламаистите. Има и ступа и манастир, а има и неколку храма. Едни седат пред своите храмови, други легнуваат пред својата ступа. Тука се сите заедно. А тука се и мајмуните. Скокаат од едниот храм до другиот, од манастирот до ступата. И мајмуните го бараат својот мир овде. Свети се, велат Непалците.
За хиндуистите мајмунот е лик на искреноста. Го препознаваат преку божеството Хануман, кое има тело на човек и глава на мајмун. Хануман му помогнал на богот Рама да го уништи десетглавиот демон Равана. Херојот е сега пред храмовите, или сам или во друштво на Рама. Облечен е во црвена наметка и има црвен чадор над главата. А од допирот на верниците, има и повеќе црвени тики на челото.

Во Непал, освен кравите, свети се и мајмуните

За Тибетанците, пак, мајмунот паднал на Земјата уште пред да падне човекот, кога Авалокитешвара и Тара ги испратиле своите инкарнации на Тибет. Авалокитешвара ја земал формата на мајмун, а Тара на чудовиште човекојадец со име Тагсен Мо (Тибетанците веруваат дека далај Лама е една од небројните инкарнации на Авалокитешвара). Мајмунот се заколнал на целибат и живеел во медитативна изолација, додека Тагсен Мо била многу осамена и плачела за својата осаменост. Кога мајмунот ги слушнал нејзините очајни крикови, првпат се исполнил со сочувство. Најпосле, Тагсен Мо ќе го убеди да се земат, а нивните шест деца ќе бидат олицетворение на шесте класи суштества кои ја населуваат вселената. Богови, полубогови, луѓе, гладни духови, животни и суштества од пеколот. Децата на овие шест деца се првите Тибетанци. Или така барем вели легендата.

Кога боговите шетаат

Катманду ноќе има друго лице од она што го носи дење. Буката се стишува со мракот, а вечерта е ќебе за бездомните. Спијат светилките на градот, па темно е. Скитниците заспиваат пред храмовите. Заспани се и ламите и хиндуистите и будистите, и трговците и свирките и маските и рикшите на своите рикши спијат. Спијат и кучињата, и децата до нив. Понекогаш гушнати, понекогаш со грбовите завртени кон месечината. Спие Катманду. Само боговите шетаат.

Јасмина Кантарџиева

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ