сабота, 27 јули 2024

Дестинација Ерусалим

Објавено на

часот

Сподели

 

Во Библијата е спомнат над 600 пати, во Куранот ниту еднаш

Ерусалим, градот на патот од Земјата до Небото, на хебрејски Јерушалајм, на арапски Ал Кудс, на старосириски Урислем, во латинскиот Стар Завет Јерусалем, во Новиот завет – Хиеросалем, на арамејски – Јеруслем, во добата на Исус – Јевус; секогаш поврзан со зборот салем, кој значи мир, е единствениот град во светот што е свето место дури за три вери христијанството, јудаизмот и исламот. Ѕидините на стариот град го опкружуваат малиот простор на кој е зачната целата денешна еврејска, христијанска и муслиманска цивилизација. На тоа исто мало место во Стариот Град, кое се проодува пеш за помалку од два часа, се наоѓаат најзначајните историски споменици – местата на кои се одиграле, според верувањата, настаните опишани во Библијата и во Куранот. Во Библијата е спомнат над 600 пати, во Куранот ниту еднаш. За христијаните Ерусалим е домот на Исус: според верувањата, Исус го посетил градот за време на верските празници, според обичаите што важеле за сите Евреи, и во овој град тој е распнат и погребен, а по три дена тука и воскреснал. За муслиманите Ерусалим е свето место особено поради Акса-џамијата и Куполата на карпата (по Мека и Медина нивното најсвето место). За илустрација на малиот простор во кои се одигруваат најсветите настани во религиите, гробот на Исус и местото на неговото погубување и воскреснување се наоѓаат во непосредна близина на Куполата на карпата, каде што пророкот Мохамед од ерусалимското рид се вивнал во небото. На уште помала раздалеченост е и Ѕидот на плачот, или западниот ѕид од Соломоновата тврдина. Тој е најсвето место за Евреите. Евреи од сите страни на светот доаѓаат тука за да се молат пред ѕидот, оставајќи пораки на лист хартија во неговите пукнатини. Пред овој ѕид се молат и хасидите (верниците познати по зулуфите, долгите бради, црната облека и шеширите), кои обично не работат, поради нивната религија, а живеат од солидна социјална помош од државата. За сите Евреи, религијата не дозволува да се работи на Шабат, од зајдисонце во петок до зајдисонце во сабота, па петок и сабота се неработни денови. Петок е денот кога дел жители се подготвуваат за Шабат, а во сабота се поздравуваат со шабат шалом (мир во сабота). Уредите за домаќинство, дури и лифтовите во хотелите, се програмирани во сабота сами да се вклучуваат зашто религијата не дозволува допир со техника и машини. Секако, Шабат многу повеќе се чувствува во религиозната престолнина на Израел, отколку во Тел Авив, каде што најдобар дел од младите и возат автомобили и зборуваат на мобилните телефони за време на Шабат.

Не се плаши, само верувај

 

Патот што морал да го помине Исус до неговото распнување е Виа Долороса. За многумина, патот на солзите. На латински, Виа Круцис, во грчките преводи Пат на сведоштвото, а во многу книги забележан само како Патот. Патот се простира меѓу еврејскиот, муслиманскиот и христијанскиот кварт, дел се поминува под отворено небо, а дел низ сукот преполн со тезги. Патот завршува со славната црква на Светиот гроб. Во самиот почеток на Виа Долороса се наоѓа и домот на Марија, односно куќата во која се смета дека била родена света Марија. Непрегледно е означена, исто како и важните места на кои Исус носејќи го крстот паднал, и останатите станици.

Виа Долороса за време на големите празници

Почетокот на практикувањето на религиозноста поврзана со Виа Долороса различни истражувачи го сместуваат во различни години. Според едни, првата личност што зачекорила по Патот била Богородица, една недела по распнувањето на нејзиниот син. Сепак, повеќето сведоштва побожноста на патот ја поврзуваат со Фрањо Азиски. Во времето кога муслиманите ја заземаат Светата земја, за христијаните станува речиси невозможно да го посетат Патот. Разни толкувања има и за бројот на станиците, од 11 до 37. Терминот станица прв го употребил англискиот свештеник Вилијам Веј во 1428. Во 1505 книгата „Патот на Крстот“ (Cruysgang) потпишана од авторот Питер Штрех, во најголема мера влијае на означувањето на тие станици. Папата Бенедикт 14-ти ја одредува конечната бројка на тие станици, четиринаесет. На првата станица, местото каде што Исус е осуден на смрт, сега се наоѓа едно училиште изградено на рушевините на историската Вила Антонија. Втората станица, Литостратос, е место на почетокот на Христовото страдание, третата станица е место каде што Исус паднал носејќи го крстот, а денес таму се наоѓа полската капела. На четвртата станица Исус се сретнува со мајка си, според Библијата тука за последен пат синот и мајката се гледаат лице во лице, а денес на тоа место се наоѓа Ерменската капела. Петтата станица го означува искачувањето кон Голгота. На шестата, Вероника му го брише крвавото лице на Исус, а крвавото марамче познато како Отпечаток од Христовото лице се чува во Рим. Капијата на судбината е седма станица, таму Исус паднал вторпат. Местото е обележано со Францисканската капела. Осмата: Исусовиот поглед е насочен кон една ерусалимска жена („А Исус се загледа во неа и рече, ќерко на Ерусалим! Не плачи за мене, плачи за себе и за своите деца!“), денес тука има еден латински крст закачен на ѕидот на еден грчки манастир. На деветтата станица Исус паѓа третпат, сега тука се наоѓа Римскиот ѕид, десеттата станица – Исус е ослободен од оковите (влезот на Капелата на ослободувањето на Исусовите окови). На 11-та станица Христос е распнат, тоа е латинскиот дел на Црквата на Светиот гроб. 12-та станица, Исус умира на крстот, денес тука се наоѓа православниот олтар, 13-та станица – безживотното тело е положено во гробницата), влезот на Црквата на Светиот гроб, а 14-та станица е местото каде што Исус е положен во гробницата.

Најсоодветна претстава на станиците ни е прикажана во филмот „Страдание“, според сценариото и режија на Мел Гибсон.

Христијаните тешко прифаќаат дека во времето на Исус крстот бил предмет на презир, тој бил најгрубото смртно оружје со кое се казнувале најголемите злосторници, кои умирале со големи болки при полна свест. Распнувањето на крст води потекло од Персијците, а најмногу го употребувале Римјаните. Во римската литература распетието се спомнува како најгруба смртна казна. Осудените биле соблекувани сосема голи. Тоа му се случува и на Исус, а марамата што на фреските ја гледаме околу неговиот појас е онаа што неговата мајка ја носела на главата и со која го покрила синот за да го заштити од срам.

Религиозна манџа

Редовите пред Црквата на светиот гроб се долги. Најмалото време на чекање е половина час, во периодот кога нема метеж, најчесто тоа е август. Црквата била изградена по наредба на императорот Константин, а гробот на Исус бил откриен од неговата мајка Хелена, кога го видела на сон при својата посета на Ерусалим. По сонот на Хелена три различни градби биле подигнати на тоа свето место, уништени од Персијците во 614 година. Подоцна повторно е издигната градба и повторно урната во 1009. Во времето на Исус оваа страна била надвор од ѕидините на градот. Свои олтари денес во Црквата имаат грчката ортодоксна црква, ерменската црква, коптската, руската и римокатоличката. Самата црква е во сопственост на ерусалимската православна патријаршија, а ја чуваат две турски семејства. Под еден ист покрив се наоѓаат сите олтари, а свеќите се купуваат единствено во коптскиот дел.

Тоше на Виа Долороса

И Ерусалим е полн со различни цркви. Руската црква има неколку храма, присутна е и руската загранична црква со исклучително убав манастир на падините на Маслиновата гора. Романската православна црква има свој огромен храм, коптите, етиопјаните и сиријците имаат свои храмови од најстарите времиња. Ерменците имаат дури и ерусалимска патријаршија, а присутни се и маронитите, англиканците и протестантите. Германската катедрала е импозантна, сместена на стотина метри од Голгота. Римокатолиците имаат исклучително голем број на цркви, а бенедиктијците го поседуваат својот голем манастир Домрицијум. Во 19 век Ватикан во Светата земја повторно го основа латинскиот патријархат. Пентакосталците, адвентистите, спископалците, менонитите… сите се присутни тука. Се зборува дека и Бугарите и Србите, но и Грузијците, се на пат во Ерусалим да ги подигнат своите цркви.

Фројд и оние како него

Ќе се отвори ли некогаш гробот на Исус?

Благодарение на литературата, сочувано е и едно писмо на Зигмунд Фројд (и самиот Евреин, иако се декларирал како атеист) испратено до Евреинот Алберт Ајнштајн, во кое психијатарот вака го опишува своето лично искуство. „Не можам да имам симпатии кон оние што базираат религија на остатоците од еден ѕид од времето на Херод.“ Примери на различни чувства кон Ерусалим и религиите, на големите писатели наоѓаме насекаде во литературата. Не мал број се и оние што се однесуваат на веродостојноста на местото на Исусовиот гроб. Според едни, тоа место сепак би требало да биде на рид, надвор од ѕидините на Ерусалим, односно во Маслинестата градина. Други пак велат дека гробот на Исус не е во црквата, туку во нејзина близина. Некои кралици и кралеви од минатото, императори и европски владетели, сериозно се занимавале со потрагата на Христовиот гроб. Кралицата Викторија отворила и посебна т.н. „Ерусалимска соба“ основајќи и фонд за проучување на библискиот Ерусалим. Рускиот цар Александар Трети дури и купил пространо земјиште надвор од ерусалимските ѕидини, каде што верувал дека е закопан Исус. Основачот на ционизмот, Евреинот Теодор Херц, воден од својата визија, но кој со прецизност го прогнозира создавањето на еврејската држава, запишува дека самиот тој е вџашен од изгледот на светиот град. Контроверзни толкувања има испишано и на страниците во самата Библија. Главниот археолог од универзитетот во Тел Авив, Евреинот Израел Финелшеј, тврди дека не се вистински централните делови во Библијата, а понатаму и пишува „працарствата на Давид и Саломон се само измама, овие израелски владетели владееле со безначајните делови на некои погранични подрачја во Светата земја“. Најозборуван е научникот Дирк Кинет, кој вели: Бог е гаранција на плодноста, чија сексуална страна постепено е бришена од Библијата“. Неговата теза ја поткрепуваат откриените идолски скулптури на овој простор, направени од глина, еротизирани фигури со исклучително истакнати гради и колкови. „Во Ерусалим цутела проституција по храмовите“, тврдат некои од истражувачите. За староста, пак, на Светото писмо сè уште се водат расправии. Традиционалистите тврдат дека главните текстови во Библијата настанале околу илјада години пред Христос. Поумерената струја тврди дека Библијата датира 600 години пред Христос, а минималистите веруваат дека Стариот завет е напишан дури по смртта на Сократ и на Платон. Професорот по теологија Бернд Јерг Дибнер, кој до последно место ги полни амфитеатрите, раскажува дека Библијата е резултат на борба за превласт во доменот на религиозното водство, трилер започнат од еден висок ерусалимски свештеник што наводно ги сменил историските факти проектирајќи ги сопствените соништа за неговата земја. Од другата страна на вагата, за рамнотежа, стои еден тег или факт. 3,1 милијарди христијани, Евреи и муслимани веруваат во веродостојноста на Светото писмо, а Библијата е преведена на 2.300 светски јазици, со што е бестселер на сите времиња. Додуша, трендот на читање на Библијата од година во година е во постојан пад.

„Изгубениот исусов гроб“ се обидува да нè увери дека Исус од Назарет починал од природна смрт

Израелските медиуми секоја година најавуваат дека израелските власти се подготвени за јавноста да ја отворат гробницата стара 2.000 години во Црквата на Светиот гроб, со што би можело значително да се потресат темелите на христијанството. Тоа стана особено актуелно по документарецот објавен на каналот „Дискавери“, во режија на оскаровецот Џејмс Камерон, а филмот е направен во соработка со новинарот Симша Јакобовиќ, роден Израелец што живее во Њујорк. Документарниот филм го оспорува најсветото место во христијанството, Исусовиот гроб во Црквата на Светиот гроб, тврдејќи дека Исус е закопан заедно со Марина и Јосиф во една пештерска гробница пронајдена во 80-тите години на минатиот век. Писателите на „Изгубениот исусов гроб“ се обидуваат да нè уверат пак дека Исус од Назарет починал од природна смрт, дека бил женет со Марија Магдалена и дека имал син по име Јуда. Нешто слично како во филмот „Последното Христово искушение“, каде што Исус на крајот е прикажан во семејна атмосфера.

Јасмина Кантарџиева

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ