Според Деспотовски, овој пристап во изминативе три години придонесе кон зголемување на обемот на инвестиции бидејќи се гарантира предвидлива инвестициска средина.
Деспотовски објави и дека се обновени разговорите за отворање на филмски студија во ТИРЗ, проект во кој беше вклучен и американскиот актер Џон Малкович, разјаснувајќи ги причините за првичните реакции во однос на проектот.
„Не настана никаков спор, едноставно самата компанија, односно претставници на компанијата кога разговараа со повеќе претставници на Владата, меѓутоа, кога беа кај мене, се стекна впечаток дека фокусот во тој момент беше повеќе на комерцијален недвижен имот, отколку на филмските студија. Така што, мојата реакција во јавноста кога добив прашање, сосема сум отворен за комуникација на сите овие работи кои ја засегаат или се од интерес на јавноста, мојот став беше јасен, а јасен е и сега. Тоа е дека не ни требаат странски инвеститори за развивање на комерцијален недвижен имот, од аспект на странски стратешки инвеститор, со таков статус.
Имаме обновени разговори во последните неколку недели, каде самата компанија и нејзините претставници тука се повеќе фокусирани на тоа што беше номинално и фокус, а тоа е развивање на филмските студија. Работиме со нив на тој процес, до каде ќе стигнеме, ќе видиме. Нашиот став е доколку навистина се заинтересирани да покажат интерес и донесат финансиски средства и проекти во делот на филмските студија, апсолутно сме заинтересирани да им дадеме шанса како и на сите останати и ќе продолжиме да работиме во тој правец,“ појасни Деспотовски