„Генерално во 99 проценти е бесплатно лекувањето и нема потребаа никој да собира пари.Така што, нема потреба за шпекулации и за невистини. Ова е вистината која што е објавена пред три-четири дена, не е од сега. Можеби во некоја држава, меѓутоа, генерално 99 проценти од лекувањето во сите држави е бесплатно“, рече тој.
Додаде дека Владата обезбедила средства за патување и сместување на по двајца родители или членови на семејство на пациентите во сите држави.
Министерот на денешната прес-конференција по редовниот состанок на кризниот штаб во Министерството за здравство информираше дека бројката на пациенти што се лекуваат во моментов е 162, а денеска 10 од пациентит кои лежат во државата ќе бидат испишани.
„Моментално на Клинички центар лежат 25 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ лежат 12 пациенти, во Градска општа болница 11 и во Штип еден пациент.
Исписи имаме – еден пациент од Штип, еден испис од Детска хирургија, три ќе се испишат од Торакална хирургија. Во Систина и Жан Митрев вкупно се лекуват девет пациенти, од нив пет денес се испишуваат“, рече Таравари.
Министерот кажа дека 115 пациенти се на лекување надвор од државата. Освен еден пациент кој се лекува во Турција, останатите се во сериозна, но стабилна состојба.
„Вкупно 115 се на лекување надвор од државата. Во Србија 30, тоа е објавено на веб страната на Министерството, од кои веќе двајца се екстубирани.
Во Бугарија 15 пациенти од коишто тројца се веќе екстубирани, значи се во стабилна состојба. Во Грција 12, од кои двајца се критични. Во Анкара шест пациенти се екстубирани, додека исто толкав број се екстубирани и во болницата во Истанбул“, додаде Таравари.
Во Шпанија, како што кажа, се лекуваат седум пациенти, во Австрија пет, во Унгарија шест пациенти, од коишто веќе еден е фебрилен и еден со кашлица, другите се во стабилна состојба.
„Во Хрватска се пет пациенти, еден е интубиран стабилен и четири други се во сосема стабилна состојба. Во Словенија се вкупно четири пациенти од кои три се во посериозна состојба. Во Литванија се четири пациенти, едниот и таму е екстубиран, значи во подобра сосотјба. Во Белгија четири пациенти од кои сите четири се во стабилна состојба. Во Италија четири пациенти кои се веќе на нога. Значи можеби идната недела ќе зборуваме и за протоколи за враќање на овие пациенти. Во Шведска се четворица пациенти, двајцата сосема во стабилна состојба и во Полска се двајца пациенти од кои само едниот интубиран“, рече Таравари.
На денешниот состанок на Кризниот штаб била отворена и темата на враќање на пациенти од идната недела.
„Имаме најави од одредени држави каде пациентите се во добра состојба, со цел да подготвиме протоколи како ќе биде нивното враќање, дали ќе треба да се сместуваат откако ќе бидат прегледани од наши доктори. Тие што се во добра состојба после прегледот од доктор може да се пуштат и да одат дома“, рече тој.
Според него, следната фаза се можните инфекции кај овие пациенти и затоа треба да се превенира максимално за да не настанат компликации.
Синоќа во 3:30 часот, летот за медицинска евакуација и тим од Универзитетската болница Каролинска полета од Скопје, носејќи уште двајца пациенти во Стокхолм на медицински третман. објави Амбасадата на Шведска во Македонија.
Заедно со новите двајца, во Шведска во моментов се наоѓаат шестмина повредени во пожарот во Кочани во кој загинаа 59 лица, а 176 се повредени.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија објави телефонски броеви за контакт 24/7 во државите каде што има повредени македонски државјани. За Шведска дежурниот телефонски број е +46 701844605 и +46 768792019.
Во несреќата што се случи на 16 март во дискотеката Пулс во Кочани загинаа 59 лица а над 150 се повредени.