Судејќи според динамиката со која се реализира проектот за изградба на регионална депонија, градот Охрид и околните села во близина на депонијата и наредните години ќе имаат проблем со чадот што го испушта запалениот отпад. Пожарите во депонијата се повторуваат секоја сезона, ѓубрето гори, а надлежните служби тешко се справуваат со пламенот, иако се спроведуваат активности за гаснење.
Екипи на јавното комунално претпријатие „Охридски комуналец“ постојано фрла земја врз опожарениот отпад, но депонијата чади.
Решение за проблемот е регионална депонија, чија изградба се најавува години наназад, а истовремено е една од главните препораки во извештајот на УНЕСКО. Првично таа беше планирано да биде изградена во атарот на дебрчкото село Годивје, што како опција беше отфрлено поради категоричното спротивставување на локалното население. Со последните планови, таа би требало да се гради кај битолското село Новаци, но и таму постапката за изградба е запрена, поради барањата на локалната власт пред да биде изградена депонијата да се изгради обиколница околу населеното место до самата депонија.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, рече дека решението за проблемот со „Буково“ е регионалната депонија, но оти постпката е закочена од барањето на Општина Новаци, односно барањето обезбедување средства за изградба на обиколница околу општината по која би се движеле возилата за транспорт на отпадот до регионалната постројка.
„Со ребалансот на буџетот обезбедени се средства за проект за обиколницата, тој би требало да биде изготвен до крајот на годинава и се надевам дека сето тоа ќе биде завршено. Ние како општини од Југозападниот регион на почеток на 2024 година треба да ги отпочнеме процедурите за формирање регионално јавно комунално претпријатие“, рече Пецаков.