петок, 26 јули 2024

„Денови на македонската музика“ во Музејот на револуционерната борба

Дуото Дениција вечер ќе има концерт во Музејот на македонската борба, во рамки на 46. фестивал „Денови на македонска музика“. Дуото го сочинуваат Анастасија Милеска – гитара и Александар Андријевски – гитара. На концертот премиерно ќе бидат изведени седум нови дела за дуо гитари од повеќе македонски композитори: Ана Пандевска, Панде Шахов, Филип Иванов, Дарија Андовска, Ангел Спировски и Вања Николовски – Ѓумар.

Објавено на

часот

Сподели

Анастасија Милеска и Александар Андријевски настапуваат како дуо Дениција од 2018 година. Од почетокот на своето музичко образование редовно настапуваат како солисти и освојуваат многубројни награди на државни и на меѓународни натпревари.

Милеска е родена во 1996 година во Охрид. На 12-годишна возраст почнува да ја изучува гитарата. Основното музичко училиште го завршува во класата на Александар Крстаноски во Охрид. Како солист е добитник на бројни меѓународни и државни награди, од кои најзначајни се: прво место на меѓународниот гитарски фестивал „Тремоло“ 2010 година, лауреат на меѓународниот фестивал за гитара „Тремоло“ 2011 година, трета награда на меѓународниот фестивал за гитара „Guitar Art 2011“, прва награда на Државниот натпревар на млади музичари во Македонија 2011 и 2012 година.

Александар Андријевски е роден во 1995 година во Скопје. Почнал да посетува часови по гитара на 11-годишна возраст кај Љубиша Кушевски. Учествувал на повеќе натпревари и фестивали и е добитник на меѓународни и државни награди како солист. Освпоил второ место на Меѓународниот фестивал за гитара во Лесковац 2010 година, лауреат на Меѓународниот музички фестивал во Аранѓеловац 2010 година, лауреат на Државниот натпревар на млади музичари во Македонија 2010 година, лауреат на Меѓународниот гитарски фестивал „Тремоло“ 2010 година, трето место на Меѓународниот фестивал за гитара „Omis Guitar Fest“ 2013 година, второ место на Меѓународниот гитарски фестивал во Пореч, Хрватска, 2013 година, второ место на Меѓународниот гитарски фестивал „Jüchener Gitarrenfestival“ 2017 година.

Двајцата завршуваат средно образование во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. Дарко Багески. Дипломираат и магистрираат на „Hochschule für Musik und Tanz“ во Келн, Германија, во класата на проф. Герхард Рајхенбах.

Како дуо, Анастасија и Александар настапиле со концерти на многу фестивали, како што се „Thüringer Herbstkurs“, гитарскиот фестивал „Тремоло“, „Young-Masters“ Samobor, Летната академија за гитара во Охрид, „Internationales Bergisches Gitarrenfestival“ во Ремшајд.

Во 2018 година дуо Дениција ја освојува првата награда на Меѓународниот натпревар „Ида Прести“ во Самобор, Хрватска и една година подоцна првата награда на Меѓународниот натпревар „Нордхорн 2019“, Германија.

Влезот на концертот е слободен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ