Карневалот завршува на 14 јануари каде со василичарско оро и палење на маските се става крај на карневалот.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков веќе најави дека Вевчанскиот карневал е еден од најавтентичните симболи на нашето културно наследство, со над илјадагодишна традиција. Љутков дополни дека Вевчани е вистинска туристичка атракција со голем потенцијал за развој на туризмот.
Утре Вевчани ќе наликува на театар на отворено, организиран од двете василичарски друштва Горна и Долна маала на чело со зетот, невестата, двата ѓаволи и глупавиот Август. Веднаш по нив следуваат останатите маски, секоја со своја приказна, која ќе го привлече вниманието на присутните. Преку маските вевчанци испраќаат силни пораки да биде годината бериќетна, да има среќа, здравје и да се променат негативните работи во општеството. Се верува дека преку маските Василичарите го бркаат злото и прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар.