недела, 22 септември 2024

Денеска во Утрехт се отвора изложба на дела на пет реномирани македонски фотографи

Во Утрехт, Холандија, денеска ќе биде отворена изложбата „5х10“, која ќе ги обедини делата на пет реномирани македонски фотографи, Маја Аргакијева, Огнен Ацевски, Роберт Атанасовски, Зденко Петровски и Стефан Рајхл. Оваа групна изложба, составена од по 10 фотографии од секој фотограф, ќе прикаже повеќе од две децении фотографско творештво, фокусирано врз доловувањето моменти од музички фестивали и концерти во Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопштија од Скопје синема сити, фотографиите претставуваат уникатен приказ на културната и музичката сцена во земјата, каде што емоциите, енергијата и атмосферата на настапите се доловени преку објективите на овие фотографи.

„Овој настан не само што ја промовира македонската фотографија, туку и нуди можност за интеркултурна размена, покажувајќи ја поврзаноста помеѓу музиката и визуелната уметност пред интернационална публика. Претходно изложбата беше поставена во рамките на Скопје синема сити, фестивалот за музички документарни филмови, и имаше одличен прием кај публиката“, се наведува во соопштението.

Изложбата е организирана од здружението Номад-Арт Скопје, со поддршка на Министерството за култура и Македонската православна црковна општина во Утрехт, Свети Стефан.

„Настанот има за цел да го промовира македонското културно наследство, а истовремено и да им овозможи на уметниците да се претстават пред европската публика“, пишува во соопштението од Скопје синема сити.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ