Обвинетиот одговарајќи на прашања на неговиот бранител, во детали ги образложи грабнувањета на Вања и Панче, при што посочи дека координатор и извршител на убиствата бил Палевски. Тој нагласи дека после убиството на Панче, продолжил со грабнувањето на Вања поради страв и закани од Палевски кон него и неговото семејство.
Манев потенцираше дека сметале оти треба да грабнат жена на 38-40 години и дека се обиделе да го предомислат Палевски откако виделе дека грабнале дете. Воедно, кажа дека за грабнувањата им биле ветени по 150 илјади евра.
Манев посочи и дека бил изложен на тортура при неговите распити за што рече дека има и докази.
Потоа обвинителството предложи да се прочита исказот даден во обвинителството, поради разликите со неговиот исказ даден пред судот.
Според најавеното, по сослушувањето на Манев, треба да сведочи Боре Видевски, Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и на крај Палевски.
Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.