четврток, 2 јануари 2025

Денеска почнува Вевчанскиот карневал, традиција стара околу 15 века, вечерва се чека Стара нова година

Со традиционалното дефиле под маски, кои на сатиричен начин ќе ги прикажат случувањата во јавниот и политичкиот живот, како во земјава, така и во странство во изминатата година, денеска напладне ќе се одржи официјалниот дел од Вевчанскиот карневал.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

Вевчани денеска и утре ќе наликува на театар на отворено, организиран од двете василичарски друштва Горна и Долна маала на чело со зетот, невестата, двата ѓаволи и глупавиот Август. Веднаш по нив следуваат останатите маски, секоја со своја приказна, која ќе го привлече вниманието на присутните. Дефилето почнува околу 14 часот од почетокот на селото, движејќи се низ главната улица до центарот, каде маскираните го вртат Василичарското оро.

Преку маските вевчанци испраќаат силни пораки да биде годината бериќетна, да има среќа, здравје и да се променат негативните работи во општеството. Се верува дека преку маските Василичарите го бркаат злото и прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар. И како што е добро познато, вевчанци, кои важат за љубезен и гостопримилв народ, верни на традицијата, до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат.

По Василичарското оро, зетот и невестата од двете маала ги посетуваат домовите на вевчанци со благослов за здравје и бериќет во Новата година, а од домаќините се дарувани со луканци, леб, пари и други дарови. Ноќта пак, придружувани од останатите соселани, одат на Вевчанските извори од каде полнат вода со која прават кашаник (зелник) во кој се става паричка. Кај тој што ќе се падне паричката се верува дека ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година.

Утре, на верскиот празник Свети Василиј одат на имендени или по вевчански визити во семејствата каде го има името на светецот. Доцна попладнето во центарот на Вевчани се собираат сите василичари, повторно играат оро и ги палат маските со симболика дека злото нема да се повтори. Вевчанскиот карневал, според некои записи датира од настанокот на Вевчани, со традиција стара околу 15 века.

Новата година, според Јулијанскиот календар, ќе биде дочекана вечер со спектакуларен огномет во центарот на Вевчани, а присутните ќе ги забавуваат Акустик бенд лајв, Наум Петрески, Оркестар со зурли и тапани Вевчани и Перо Бели и Коки Биортиам.

Манифестацијата почна синоќа со ДЈ Ампов и Јанг Деди, а забавата продолжи со настап на Игор Џамбазов со Гуру Харе бенд и Нокаут.

Многу македонски семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики, како Васил, Васко, Васе, Васка…, го слават својот именден. На семејната трпеза се крши погача со паричка, а се верува дека на оној што ќе му падне, годината ќе му биде среќна и бериќетна.

По повод православната нова година и празникот Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонската православна црква ќе биде служена света Василиева литургија.

Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Родум бил од Кападокија, а завршил школо во Атина. Тој бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Свети Василиј Велики се упокоил на 14 јануари во 379 година.

Покрај Македонската православна црква, според Јулијанскиот календар, верските празници ги слават и Руската и Српската црква, Ерусалимската патријаршија и монасите на Света Гора. За разлика од нив, по Грегоријанскиот календар се водат Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ