сабота, 27 јули 2024

Денеска од пет земји женски летови со Визер

„Таа може да лета“ е насловот на програмата која Визер ја воведе во рамките на својата академија за пилоти за да ги инспирира и поддржи жените во нивното патување да станат пилоти, создавајќи патека за раст во кариерата и успех. Визер активно работи на зголемување на застапеноста на жените во воздухопловството – 65% женски кабински екипаж и 5% женски пилоти работат во мрежата на компанијата.

Објавено на

часот

Сподели

Женските летови на Визер денеска се реализираат од пет различни земји низ мрежата на авиокомпанијата и тоа: Рим Фиумичино – Малага, Скопје – Хамбург, Варшава – Валентина, Букурешт – Париз Буве, и Будимпешта – Лондон Лутон.

„Ние веруваме во кршење на бариерите и создавање поинклузивна средина за жените во воздухопловството. Оваа иницијатива за Денот на жената е доказ за нашата посветеност на зајакнувањето на жените во нашата авиокомпанија и во пошироката воздухопловна индустрија“, велат од Визер.

Разговаравме со дел од учесничките на овие летови.

Колку се почитуваат правата на жените во нашата држава, но и колку се почитуваат во вашата компанија каде што работат голем број на жени?

Ана Јанчевска, сениор кабински екипаж во Визер вели дека може да каже дека во нашата држава правата на жените генерално се почитуваат.

-Иако мажите и жените се еднакви во многу области од животот и работата, сепак има области каде што постои нееднаквост, и тоа е забележливо. Меѓутоа, тоа не може да се каже за Визер, бидејќи за нашата компанија правата на жените се од суштинска важност и Визер не дискриминира ниту еден пол. Напротив, жените уживаат поголеми права и привилегии отколку во многу други компании.

Стефани Гавриловиќ е капетан во Визер.

-Да бидам искрена, сè уште не сум имала прилика да работам во мојата држава (Стефани е од Србија – н.з.) и тешко е да се замисли како било порано. Но во последно време работите многу се променија на подобро во споредба со времето кога ја барав мојата прва работа, пред 10 години. Визер беше единствената компанија во која имав можност да аплицирам, да одам на интервју и еве ме, седум години подоцна, летам како капетан во Визер. Од моите први чекори до големите и важните, Визер отсекогаш имал посебно место во моето срце и живот. Тоа е компанија со еднакви можности и права, без разлика на полот.

Што вие сметате дека може да направиме за да го затвориме родовиот јаз во авио-индустрија каде преовладува стереотипо – пилотот е машко, а стјујардесите се жени?

Гавриловиќ вели дека треба да се креира средина во која млади девојки од мали треба да имаат на ум дека е можно да се биде пилот без разлика на полот.

-Но како? Па, на многу начини, но сигурно нивната реакција кога ќе ја видат пилотската кабина е бесценета, нешто што можам да го заклучам од моите искуства на работното место. Кога сме на земја пред или по летот, и ако имаме време, им дозволуваме на децата да ја погледнат пилотската кабина и имаме мал разговор, охрабрувајќи ги дека речиси сè за што сонуваме е возможно. Со напорна работа и посветеност, страст и љубов, полот не треба да биде важен.

Јанчевска повтори дека Визер нуди програма за млади жени пилоти наречена „Таа може да лета“, која им обезбедува финансиска поддршка, различни бенефиции и помага во ублажување на животните околности.

-Жените се охрабруваат да продолжат со кариера како пилоти. Гордa сум што во Визер има многу жени пилоти кои успешно ги извршуваат своите работни задачи и обврски и се надевам дека во иднина ќе имаме уште повеќе жени во пилотската кабина. Исто така, Визер подеднакво ги цени мажите кои работат како кабински екипаж и тие се добро застапени во компанијата.

За многу луѓе детски сон е да станат пилот/стујардеса. Дали и во вашиот случај беше така, кога се роди желбата да станете пилот/стујардеса?

Тања Антиќ, кабински екипаж и тренер за прва помош во Визер: Кога бев дете, мајка ми имаше канцелариска работа како менаџер во база на една македонска авиокомпанија, па јас пораснав со луѓе од оваа индустрија. Желбата беше секогаш присутна.

Јанчевска: Мојата желба да работам како кабински екипаж беше поттикната од мојот прв лет како патник. Но, Македонија во тоа време немаше цивилна авијација. Работата од дома во мојата земја беше клучна за мене, па кога Визер се појави на нашето небо, моите соништа станаа реалност.

Гавриловиќ: Тоа не беше мојот детски сон. Јас не потекнувам од „воздухопловно“ семејство, додека во многу случаи пилотите ја наследуваат желбата да летаат од нивните родители. Сепак, од моментот кога го имав мојот прв лет со воздухопловна едрилица во 2008 година, го живеам мојот сон и авијацијата не е само моја работа, тоа е мој начин на живот, и воопшто мое секојдневие. И не можев да бидам посреќна поради тоа, откако открив што навистина сакам. Никогаш нема да го заборавам чувството на првото полетување и чукањето на срцето што го почувствував. Го знаев тоа од првиот момент, па секогаш имам тенденција да кажам дека тоа беше љубов на првиот лет, или поточно на првото едрење.

Како изгледа еден работен ден на стјуардеса/пилот во Визер?

Јанчевска: Денот на кабинскиот екипаж започнува неколку часа пред почетокот на должноста со подготовка според одредени стандарди за изгледот. Нашата должност почнува 70 минути пред полетувањето на авионот, кога добиваме информации за околностите под кои ќе се реализира летот, бројот на патници, временските услови и други детали поврзани со летовите во дневниот распоред. Правиме безбедносна проверка во авионот и потоа ги пречекуваме и сместуваме патниците, после тоа полетуваме и за време на летот се грижиме за безбедноста и удобноста на патниците.

Гавриловиќ: Подготовката почнува многу пред летот без разлика на распоредот. Правило 5П: (Proper Preparation Prevents Poor Performance) – правилната подготовка ги спречува лошите перформанси. Прво сама, потоа со колегата прв офицер, а потоа заедно со кабинскиот екипаж каде што ги информирам за летот, важни информации што можеме да очекуваме во врска со времето на летот, времето, бројот на патници… Лично, ми се допаѓа промената во распоредот и тоа што секој ден сме со различни колеги. Ниту еден ден не е ист во воздухопловството што го прави интересен и предизвикувачки, а ефективната тимска работа прави сè поглатко и полесно.

Колку е лесно или тешко да се биде жена пилот во Македонија?

Ива Матиќ, прв офицер во Визер: Да се биде првиот што направил нешто никогаш не е лесно, бидејќи тоа е често пат кој треба да го изодиш сам или со малку достапни совети. Значи, да се стане првата жена пилот на хеликоптер во македонската армија и првата македонска жена пилот во Визер беше тежок процес и многу голем предизвик. Но, јас уживав и уживам во секоја минута од тоа, и се надевам дека моето искуство ќе ги мотивира другите девојки и жени и ќе им го олесни патот.

Работењето во авиоиндустријата, за една жена често подразбира жртвување на приватниот или семејниот живот. Дали и Вие го чувствувате истиот притисок и како се справувате во вакви ситуации?

Матиќ: Во таква сложена професија понекогаш се потребни жртви. Но, тука морам да признаам и дека Визер максимално го ублажува овој притисок, бидејќи летовите и распоредите се многу внимателно планирани за да се овозможи одмарање, а ние се враќаме во нашата домашна база (Скопје) на крајот од секој работен ден. Значи, не губиме толку многу од нашиот приватен и семеен живот како што некој би помислил.

Антиќ: Мислам дека предизвикот за одржување на здрава рамнотежа помеѓу работата и животот се однесува на двата пола. И мажите имаат семејство и приватен живот, па тоа е само стереотип дека може да биде предизвик само за жените.

За среќа, во Визер обично летаме назад во базата на крајот од денот, немаме чекања, што ни дава можност да ја третираме нашата работа како и секоја друга редовна работа.

Што би ги советувале сите жени кои се уште стравуваат да ја одберат оваа професија?

Матиќ: Би им кажалa дека се додека се мотивирани, ако оваа професија е навистина она за што сонуваат, тогаш не треба да се плашат и треба да започнат да го остваруваат. Целата напорна работа и пожртвуваност вреди кога ќе успеете да го остварите вашиот сон.

Гавриловиќ: Никогаш не се плашете да сонувате. Осмелете се да се борите за сопствената бајка. Среќата е да го правите она што најмногу го сакате. На крајот, сите ќе погледнеме наназад на нашите животи и ќе кажеме една од двете работи: би сакала да направев или мило ми е што го направив тоа.

Кој е патот до успехот?

Јанчевска: Комбинирање на самосвест, поставување цели, визуелизација и акција. Градењето силна основа за вашето патување кон успехот може да се постигне со следење на овие чекори.

Не заборавајте да останете фокусирани, позитивни и одговорни.

Гавриловиќ: Не постои рецепт за тоа. Патот до успехот никогаш не е лесен, но секогаш вреди. Потребна е посветеност и напорна работа. Кога имате сон, треба да го зграпчите и никогаш да не го испуштите. Може да има потреба од многу од сè, но штом ќе го достигнете, задоволството и гордоста се бесценети.

С.Ф.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ