сабота, 25 мај 2024
Претседателски избори 2024

Денеска граѓаните гласаат за претседател на Македонија

Во Македонија денеска се одржуваат седмите претседателски избори. Граѓаните ќе можат да гласаат за еден од седуммината кандидати: Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ, Гордана Сиљановска Давкова, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Билјана Ванковска, поддржана од Левица, Бујар Османи од ДУИ, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Максим Димитриевски од ЗНАМ. Гласањето на претседателските избори почнува во 7 часот и трае непрекинато до 19 часот. Ако гласањето биде прекинато подолго од еден час, тоа ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.

 

Објавено на

часот

Сподели

На 3.480 избирачки места во Македонија со право на глас во Избирачкиот список за Претседателските избори се запишани вкупно 1.814.317 гласачи. Вчера на 31 избирачко место гласаа и македонски граѓани во дијаспората, како и затворениците и болните и немоќни лица.

Во 19 часот гласачките места се затвораат. На избирачите затекнати во објектот каде што се гласа им се овозможува да гласаат. Гласачкото место на кое гласале сите граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список може да се затвори и пред 19 часот, по претходна согласност од надлежната ОИК, но не отпочнува со броење на гласовите пред 19 часот.

Записниците и другиот изборен материјал, ИО ги доставува до ОИК во рок од 5 часа по завршувањето на гласањето. Изборниот материјал до ОИК го доставува претседателот на ИО во придружба на заинтересирани членови на ИО или претставници на подносителите на листите и претставници од полицијата, ако за тоа има потреба.

По спроведените избори за претседател на Македонија, ОИК ги сумира резултатите од гласањето на листата на кандидати, составува записник и заедно со целокупниот изборен материјал го доставува до ДИК веднаш, а најдоцна до 12 часа од завршување на гласањето.

ДИК првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

За претседател на Републиката, во првиот изборен круг е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи запишани во Избирачкиот список.

Ако во првиот круг ниту еден кандидат за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајца кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето.

Овие избори се карактеристични по тоа што првпат од независноста имаме толку многу кандидати за претседател, изборите се одржуваат во среда, а идентификацијата ќе се врши со фингерпринт апарати. Уникатно е и тоа што кампањата и молкот за претседателските избори се преклопија со кампањата за парламентарните избори на 8 мај.

Претседателските избори, според ДИК, ќе ги следат вкупно 1.601 набљудувач, од кои 915 домашни и 544 меѓународни набљудувачи, како и 84 преведувачи и 58 странски новинари.

Секој подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување резултати од гласање може да поднесе приговор до ДИК во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето, односно објавување на првичните резултати. ДИК е должна да реши по приговорот во рок од 48 часа по приемот.

Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

Секој избирач кому му е повредено избирачкото право во постапка на спроведување на гласањето може да поднесе приговор до ДИК во рок од 24 часа. ДИК е должна во рок од четири часа по приемот да донесе одлука.

Против одлуката на ДИК гласачот може во рок од 24 часа по приемот да поднесе жалба до Управниот суд на Македонија, кој, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

ДИК може по службена должност или по поднесен приговор, со решение да го поништи гласањето на гласачкото место во одредени случаи утврдени со Изборниот законик.

Против решението со кое се поништува гласањето може да се поднесе жалба до Управниот суд на Република Северна Македонија во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен по жалбата да постапи во рок од 72 часа по нејзиниот прием. Повторното гласање на избирачкото место каде што е поништено се одржува 14 дена од денот на првото гласање.

Вториот круг за пртседателските избори треба да се одржи на 8 мај заедно со изборите за пратеници во Собранието.

Од независноста на државава на претседателската фотелја седнаа петмина претседатели. Првиот претседател Киро Глигоров и Ѓорге Иванов претседателската функција ја вршеа во два мандата, а по еден мандат имаа Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и сегашниот актуелен претседател и кандидат за нов мандат Стево Пендаровски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ