Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.
На денешното рочиште Судот ќе треба да се произнесе и по барањето од првообвинетиот Палевски, за изземање на судијата Ивица Стефановски, бидејќи, како што рече, се работи за спрега меѓу судот, полицијата и Oбвинителството. Според Палевски, недозволиво е судијата да не е заинтересиран за пронаоѓање на оружјето со кое се извршени двете убиства, а пронајдената чаура во близина на Велес да не е доставена како доказ.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи со изведување на материјални докази од Обвинителство. На минатото рочиште, обвинителката Жаклина Трајковска во кратка содржина пред Судот образложи 180 од вкупно 197 докази, кои се однесуваат на локациите каде биле најдени жртвите, наодите од увидите на истражните органи, најдените траги, обдукциските наоди, како и извештаи од психијатриските вештачења.
Како што посочи обвинителката, жртвите биле усмртени со истрел во главата од непосредна близина, со ист калибар на куршум од 9 милиметри, посочувајќи дека обдукцијата покажала дека Вања не била задушена, односно и двете жртви биле живи во моментот на егзекуцијата. Според ДНК анализата од самолепливата лента која била на устата на Вања, пронајдени се мешани траги од девојчето, како и, најверојатно траги од обвинетиот Велибор Манев.
На судењето беше презентирано и психијатриското вештачење на обвинетите кое покажало дека сите биле пресметливи, односно знаеле што прават во моментот на извршување на делото. За нивните жртви, повикувајќи се на психијатриските наоди, обвинителката Трајковска, рече дека претрпеле тешко психичко страдање со силен интензитет.
На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.