Овој предлог го поднесоа група од 20 арапски земји и Организацијата за исламска соработка, пренесува Би-би-си. Седницата на Генералното собрание е закажана за 15 часот по локално време, односно 21 часот по средноевропско.
САД во петокот во Советот за безбедност ја блокираа резолуцијата за прекин на огнот, која следеше откако генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш свика итна седница врз основа на ретко користениот член 99 на Повелбата на ОН за да го сврти вниманието на Советот за безбедност на „секое прашање кое може да го загрози меѓународниот мир и безбедноста“.
Ниедна земја нема право на вето во Генералното собрание од 193 члена.
За разлика од Советот за безбедност, резолуциите на Генералното собрание не се правно обврзувачки, иако го одразуваат глобалното мислење.
Од почетокот на војната, Советот за безбедност шест пати не успеа да усвои резолуција со која се бара прекин на огнот во Газа поради блокадата од САД.