петок, 27 декември 2024

Демократите најавија дека ќе ја признаат победата на Трамп ако победи

Американски конгресмени од редовите на Демократската партија најавија дека ќе ја признаат победата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп доколку победи на претседателските избори во Соединетите Американски Држави на 5 ноември, дури и оние што сметаат дека 14-от амандман на американскиот Устав го дисквалификува.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Демократите во Конгресот со години го нарекуваа Доналд Трамп „бунтовник“ и бараа да биде отповикан по 6 јануари 2021 година поради поттикнување насилство и сугерираа дека со Уставот му е забрането да се врати во Белата куќа, пишува американски Политико, додавајќи дека дури и ако тие сè уште се сомневаат во неговата подобност за претседател, нема да му го ускратат тоа право на 6 јануари 2025 година, кога Конгресот ќе се состане за да ги официјализира изборните резултати.

Конгресмените јавно порачаа дека сакаат трансфер на власта без драма – дури и ако тоа значи да се стават настрана ставовите на некои членови дека Трамп не е подобен да се врати на претседателската функција поради уставната забрана, имено 14-тиот амандман, со кој се забранува кој било федерален функционер што „учествувал“ во бунт повторно да биде на функција.

Демократите го обвинуваат Трамп за поттикнување на насилните демонстранти да влезат во Капитол пред 3,5 години.

Во тоа време, демократите во Претставничкиот дом со големо мнозинство гласаа за отповикување на Трамп поради „поттикнување бунт“, а нивниот лидер Хакем Џефрис го нарече Трамп „главен бунтовник“.

Порталот оценува дека се чини дека кај демократите нема доволно амбиција за оспорување на резултатите на заедничката седница на 6 јануари.

„Интегритетот на нашиот демократски процес зависи од мирниот трансфер на власта. Доналд Трамп одлучи дека единствените валидни избори се оние на кои тој ќе победи. Тој е единствениот претседател што поддржал бунт наместо да ја прифати волјата на американскиот народ. Демократите секогаш ќе се грижат секој глас да биде важен и дека ја поддржуваме нашата демократија“, изјави Кетрин Кларк за Политико.

Врховниот суд пресуди дека само Конгресот, а не државите, може да одлучи како да ја спроведе уставната забрана за бунтовници, но дека судот не зазел став за тоа дали однесувањето на Трамп ја преминало границата, па некои уставни експерти се прашуваа дали противниците на Трамп во Конгресот можат да се обидат да го решат прашањето за неговата подобност на седницата на 6 јануари.

Тоа, се вели, создаде непријатна динамика за демократите во Претставничкиот дом: можат ли пратениците што го прогласија Трамп за неподобен за функцијата сепак да го поддржат гласањето за потврда на неговите претседателски избирачи, дури и ако тоа го врати во Белата куќа.

Конгресменот Џо Морел, највисокиот демократ во Надзорниот комитет што ги надгледува изборните процедури, потврди дека ако Трамп победи на изборите на 5 ноември, тој ќе гласа Трамп да биде сертификуван како следен претседател на Соединетите Држави. Кога Конгресот ќе се состане на 6 јануари за да ги преброи електорските гласови, законодавците главно се обврзани да ги прифатат потврдените резултати на државите.

Судија на федералниот апелационен суд неодамна изјави дека кандидатот што не е подобен за функцијата според клаузулата за бунт би бил валидна основа за Конгресот да го одбие изборот на претседателот во јануари.

Џејсон Мареј, адвокатот што го застапуваше случајот со 14-тиот амандман од името на оние што бараат дисквалификација на Трамп, ги предупреди судиите дека тоа може да создаде криза на 6 јануари 2025 година.

Демократите, кои не сакаат јавно да разговараат за сценарио во кое Трамп ќе победи на изборите, приватно рекле дека не слушнале никакви дискусии за повикување на клаузулата за бунт за на Трамп да му се негира победата, а јавно, десетици демократи во Претставничкиот дом и Сенатот ветија дека ќе ги потврдат изборните резултати дури и ако победи Трамп.

Врховниот суд во март објави мислење во кое навести, иако не наведе експлицитно, дека Конгресот мора да донесе закон со кој се воспоставува процедура за утврдување дали некој сегашен или поранешен функционер ја прекршил клаузулата за бунт, што е, според Политико, јаз што остава одредена неизвесност во врска со обврските и опциите на Конгресот во јануари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ