Демири, како што стои во објавата на социјалните мрежи на Министерството за здравство, побарал и да се средат сите работи околу инсталацијата на новата компресорска станица, како и сите попратни елементи за непречено и континуирано функционирање на хируршкиот блок.
„Напоменувам, се работи за живот на луѓето и се работи за државен интерес. Како министер за здравство замолувам и се надевам дека ќе имаме разбирање за истото, иако сум многу свесен дека се наоѓаме во изборен процес пред формирање на нова влада, но животот на луѓето и државните интереси се поважни од сѐ“, вели Демири во дописот до Владата.
Демири во понеделникот на прес-конференција изјави дека хируршките сали на Клинички центар се стари околу 30 години и дека ќе користат надворешни компресори додека не добијат валиден документ за исправност.
Според министерот, проблемот со неработењето на хируршките клиники е хаварија во компресорската станица за која се чекаат испитувања од Германија.
Откога не работат хируршките клиники, итните случаи на пациенти се пренесуваат во Општа Градска болница и во Болницата „8 септември“.