сабота, 21 декември 2024

Делегација на ЕБОР во петдневна посета на Македонија

Претставници од бордот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) денеска пристигнуваат во петдневна посета на Македонија за време на која ќе се сретнат со владини претставници, претставници од граѓанскиот сектор, инвеститори и претприемачи.

Објавено на

часот

Сподели

Целта на посетата е да се запознаат со економската и инвестициона клима, и да ги идентификуваат клучните области на ангажманот на ЕБОР, во насока на интензивирање на деловниот и политичкиот дијалог. Домаќин на делегацијата е Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за Македонија.

Бордот на ЕБОР ќе биде претставуван од: Шун Цучида, советник на бордот за Јапонија, Инка Мулерова, советник на бордот за Чеченија, Диого Лопез Монтеиро, советник на бордот за Португалија, Ариана Калиари, советник на бордот за Италија и Енрике Мадерел, советник на бордот за Македонија, Холандија, Кина, Монголија и Ерменија.

Советниците на Бордот ќе се сретнат со министерката за енергија, рударство и минерали, Сања Божиновска и државната советничка во Министерството за енергија, Елена Ивановска. Ќе се остварат и средби со претставници на Народната Банка на Македонија, вицегувернерките Емилија Нацевска и Ана Митреска и Викторија Глигорова, генерален директор на Одделот за супервизија.

Делегацијата ќе оствари средби и со претставници на меѓународните финансиски институции, комерцијални банки и енергетски компании (МЕПСО, ЕСМ и НОМАГАС), како и со претставници на граѓанскиот сектор и дипломатската заедница.

ЕБОР е главен институционален инвеститор во Македонија и до денес има инвестирано над 2,9 милијарди евра во 196 проекти, фокусирајќи се на поддршката на конкурентноста преку зајакнување на ланецот на вредности, надградба на вештините на работната сила, зајакнување на управувањето, унапредување на регионалната интеграција и поврзување на меките вештини, поддршка на доближување до Европската Унија и натамошна транзиција на зелената економија преку поодржлива комбинација на енергии и поголема ефикасност на ресурсите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ