сабота, 27 јули 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

(Дe)конструкција

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Инженерите на Апсурдистан се решија на нешто што дотогаш не беше видено: решија да изградат иднина без минато и без сегашност.

Секако некои теоретичари на времето веднаш се побунија против таа идеја, велејќи дека е бесмислена, но тогаш владата на Апсурдистан неколкумина од нив назначи за академици, кои одеднаш, читајќи ги книгите на Академијата добија сосема нов и свеж увид за тоа колку смисла има во бесмисленоста (што во основа и беше точно!), додека неколкумина други експресно беа осудени за говор на омраза против времето. На преостанатите им пораснаа слончешки уши и тие веднаш одлетаа во облаците. Таму тие му свртеа грб на времето и спокојно и блажено се занимаваа со толкување на Псевдо-Платон и лупење компири.

Но конструкцијата на инженерите на Апсурдистан и онака не ја бива.

Затоа ние ќе раскажуваме за нешто друго.

Една стриптизета се заљуби во еден уставен судија. Беа одлична двојка: стриптизетата правеше секакви палави лудости за какви обичните граѓани само сонуваат, додека уставниот судија успеваше да им даде беспрекорно и необорливо значење на сите нив.

Но вистинската тајна на нивната луда среќа беше следнава: стриптизетата всушност беше еден повеќетомен латински речник на филозофски термини од XVIII век кој, здодеан од мирисот на старците кои си увртуваа во глава дека го разбираат битието и ѕвезденото небо, си го сменил полот и станал палава девојка. Уставниот судија, пак, беше една од книгите на Маркиз де Сад, која уморна од многуте перверзии што се разлеваа по нејзините страници си го беше сменила полот во нешто похигиенско – уставен судија.

…И сѐ ќе беше добро, доколку еден ден уставниот судија одеднаш не ѝ замириса на стриптизетата на филозофски речник, уште полошо, на теолошки. Го шутна уставниот судија, овој протесно се тркалаше по асфалтот, по потта и бакнежите на студентите и студентките сѐ дури, сиот бесен, cum ira et studio не се дотркала до величествената конструкција на апсурдистанското инженерско чудо. Таму тој со сесоѕерцателна евдајмонија се вглоби како еден од нејзините штрафови. Механички беспрекорно.

Стриптизетата од инает стана проститутка и почна да пие: ги испи соковите од сите граѓанчиња на Апсурдистан. Но тие впрочем и немаа никакви сокови, туку само додатоци за вкус. А таа, бидејќи не трпеше вештачки вкусови, згора и испразнета од своите природни сокови, се искачи на инженерската гордост на Апсурдистан, иднината без сегашност и минато и – посака да се фрли. Но бидејќи конструкцијата беше без темели, без дно, без ништо под себе, испадна дека од неа нема кај да се фрлиш. Од неа впрочем не можеше ниту нешто да се фрли, кој или што и да се фрлеше повторно ќе се најдеше таму од каде беше фрлено – во иднината.

– Ебати глупавата работа! Не те бива ни за … – свика и тргна кон дома.

Веднаш следниот ден, проститутката, или да ја наречеме со нејзиното вистинско, свето име – desirabilia, најубавата, единствената убава жена во Апсурдистан која водеше љубов со сите негови граѓани беше уапсена за говор на омраза против иднината.

Ете така, конечно, иднината без минато, без сегашност – и без убавина – беше… пардон… ќе биде свечено пуштена во употреба.

Но иднината и онака не ја бива. Затоа, читајте за нешто друго!

 

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ