сабота, 21 декември 2024

Декларацијата на самитот во Дубровник Украина-Југоисточна Европа

Во завршната декларација на самитот Украина-Југоисточна Европа, кој се одржа денеска во Дубровник, Хрватска, се осудува руската инвазија во Украина, а искажана е поддршка за таа земја, за нејзиниот територијален интегритет, европските интеграции и за членството во НАТО.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Без слободна и мирна Украина нема слободна и мирна Европа“, е заклучокот од декларацијата на самитот.

Во декларацијата се потсетува дека поминаа речиси 1.000 дена од почетокот на руската воена инвазија на Украина.

„Најостро ја осудуваме оваа неиспровоцирана, неоправдана и незаконска руска освојувачка војна против Украина… злосторството против украинскиот народ, јасното кршење на меѓународното право… и големата закана за мирот и безбедноста на Југоисточна Европа, целиот европски континент и светот“, се вели во декларацијата.

Главната цел на средбата, која заеднички ја организираа украинскиот претседател Володимир Зеленски и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, беше да се покаже поддршката на земјите од регионот на Украина.

На самитот, покрај Зеленски и Пленковиќ, учествуваа претставници на 12 земји, меѓу кои и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, на Србија, Александар Вучиќ, на Словенија, Наташа Пирц Мусар, на Косово, Вјоса Османи, како и македонскиот премиер Христијан Мицкоски, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, бугарскиот Димитар Главчев, албанскиот Еди Рама, претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина Борјана Кришто. Во Дубровник се и министерот за надворешни работи на Молдавија, Турција и Романија.

Во текстот на декларацијата се нагласува дека поддршката на учесниците на состанокот за украинската независност, суверенитет и територијален интегритет во меѓународно признатите граници продолжува да биде „апсолутна“. Учесниците ја потврдија својата поддршка за мировната формула на украинскиот претседател Володимир Зеленски, која ја сметаат за клучна рамка за враќање на мирот.

Во декларацијата се повикува меѓународната заедница да ја зголеми поддршката за Украина и „сите земји да не обезбедуваат материјална или друга помош за руската освојувачка војна“.

Учесниците ги осудија и ги оквалификуваа „обидите на Русија за насилна и незаконска анексија на територијата на Украина“, а изборите што Москва ги одржа во окупираните украински региони во март и септември ги нарекоа „ништовни и неважечки“.

Декларацијата го поздравува отворањето на пристапните преговори меѓу ЕУ и Украина, како и фактот дека НАТО на самитот во Вашингтон „ја повтори посветеноста да ја поддржи Украина на нејзиниот неповратен пат кон целосна евроатланска интеграција, вклучително и членство во НАТО“.

„Ја повторуваме нашата цврста посветеност да ги изведеме пред лицето на правдата луѓето одговорни за злосторството на агресијата, злосторствата против човештвото и воените злосторства извршени за време на руската освојувачка војна“, се вели во декларацијата.

Текстот ја нагласува клучната важност на енергетската безбедност на Украина, чии „електрани и енергетска мрежа трпат огромна штета поради руските систематски и намерни напади“.

„Нагласуваме дека секоја употреба на нуклеарна енергија и нуклеарни постројки мора да биде безбедна, заштитена и прифатлива за животната средина. Во овој контекст, нагласуваме дека нуклеарната централа Запорожја мора да се врати под целосна суверена контрола на Украина и да работи безбедно“, наведува декларацијата.

Учесниците ја изразија својата посветеност да учествуваат во сегашната и повоената реконструкција на Украина „за да се обезбеди нејзината просперитетна иднина“.

Самитот во Дубровник е трет самит во ваков формат, откако вакви средби се одржаа во Атина и во Тирана.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ