понеделник, 28 октомври 2024

Декларацијата на НАТО-самитот: Влезот на Украина во НАТО е неповратен процес, само Русија е одговорна за војната

Членките на Северноатлантската алијанса го нарекоа влезот на Украина во НАТО неповратен и ја потврдија својата поддршка за Киев на патот на евроатлантските интеграции, се вели во декларацијата на самитот на НАТО во Вашингтон, усвоена во средата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Додека Украина ги продолжува своите витални напори, ние ќе продолжиме да ја поддржуваме на нејзиниот неповратен пат кон целосната евроатланска интеграција, вклучително и членство во НАТО“, се наведува во документот објавен на веб-страницата на НАТО.

Во исто време, се посочува дека Украина треба сама да избере, без надворешно мешање, како да ја осигури сопствената безбедност.

„Иднината на Украина е во НАТО. Украина станува сѐ покомпатибилна и политички интегрирана со Алијансата“, се наведува во декларацијата.

Земјите на НАТО го поздравија конкретниот напредок што Украина го постигна од самитот во Вилнус во неопходните демократски, економски и безбедносни реформи.

„Уште еднаш потврдуваме дека ќе можеме да ја поканиме Украина да ѝ се приклучи на Алијансата кога земјите-членки ќе се договорат и кога ќе бидат исполнети условите“, се наведува во документот.

Оваа одлука, како и состанокот на Советот Украина-НАТО, кој се одржа вчера, во комбинација со досегашните напори на членките на Алијансата, е мост за членство на Украина во НАТО.

Како што изјавија членките на Алијансата, тие ќе продолжат да го поддржуваат напредокот на Украина во однос на интероперабилноста, како и во воведувањето реформи во сферата на демократијата и безбедносниот сектор.

„Русија е најзначајната и најдиректна закана за безбедноста на сојузниците“

Фото: ЕПА

Руската инвазија на Украина ги наруши мирот и стабилноста во евроатлантската област и сериозно ја поткопа глобалната безбедност, се наведува во документот, истакнувајќи дека „Русија останува најзначајна и најдиректна закана за безбедноста на сојузниците“.

„Повторно ја потврдуваме нашата непоколеблива солидарност со народот на Украина во херојската одбрана на нивната нација, нивната земја и нашите заеднички вредности. Силната, независна и демократска Украина е од витално значење за безбедноста и стабилноста на евроатлантската област. Борбата на Украина за независност, суверенитет и територијален интегритет во рамките на нејзините меѓународно признаени граници директно придонесува за евроатлантската безбедност. Ги поздравуваме најавите на сојузниците дека ќе ја снабдат Украина со клучните дополнителни системи за воздушна одбрана, како и други воени капацитети“, се вели во декларацијата на НАТО.

Членките на НАТО го потврдија ветувањето за долгорочна помош за Украина за обезбедување воена опрема и градење сили способни да ја поразат руската агресија.

Преку пропорционални придонеси, сојузниците имаат намера да обезбедат минимално основно финансирање од 40 милијарди евра во наредната година и да обезбедат одржливо ниво безбедносна помош за Украина.

Покрај воената поддршка опфатена со ова ветување, сојузниците имаат намера да продолжат да обезбедуваат политичка, економска, финансиска и хуманитарна поддршка за Украина.

„Тероризмот, во сите негови форми и манифестации, е најдиректната асиметрична закана за безбедноста на нашите граѓани и за меѓународниот мир и просперитет. Заканите со кои се соочуваме се глобални и меѓусебно поврзани“, се наведува во декларацијата.

Документот ја поздравува одлуката на генералниот секретар Јенс Столтенберг да назначи висок претставник на НАТО во Украина.

НАТО: Одговорноста е исклучиво кај Русија

Исто така, се истакнува дека Русија ја сноси единствената одговорност за „агресорската војна против Украина“, што е јасно кршење на меѓународното право, вклучително и Повелбата на ОН.

„Не може да има неказнивост за воените злосторства и други прекршувања на меѓународното право. Русија е одговорна за смртта на илјадници цивили и предизвика голема штета на цивилната инфраструктура. Ние најостро ги осудуваме ужасните напади на Русија врз украинскиот народ, вклучително и нападот врз болниците во Киев на 8 јули. Русија мора веднаш да ја прекине оваа војна и целосно и безусловно да ги повлече сите свои сили од Украина во согласност со резолуциите на Генералното собрание на ОН“, се предупредува во декларацијата на НАТО.

Фото: ЕПА

Членките на НАТО нагласуваат дека никогаш нема да ги признаат руските „незаконски анексии на украинска територија, вклучувајќи го и Крим“.

„Исто така, ја повикуваме Русија да ги повлече сите свои сили од Република Молдавија и Грузија, кои се стационирани таму без нивна согласност“, се вели во декларацијата.

Се додава дека НАТО не бара конфронтација и не претставува закана за Русија и дека членките на Алијансата сѐ уште се подготвени да одржуваат канали за комуникација со Москва со цел да се ублажи ризикот и да се спречи ескалација.

Повик до другите земји да не ја поддржуваат Русија

НАТО ги повика сите земји да не даваат никаква помош за руската агресија и со тоа да ја продолжуваат руската војна во Украина.

„Белорусија продолжува да ја овозможува оваа војна со ставање на располагање на својата територија и инфраструктура. Продлабочувањето на руската политичка и воена интеграција со Белорусија, вклучително и распоредувањето напредни руски воени капацитети и персонал, има негативни импликации за регионалната стабилност и одбраната на Алијансата“, стои во декларацијата.

Се забележува дека Северна Кореја (ДНРК) и Иран ја охрабруваат руската агресивна војна против Украина обезбедувајќи ѝ директна воена поддршка на Русија, како што се муниција и беспилотни летала (УАВ), што, како што се истакнува, сериозно влијае на евроатлантската безбедност.

Фото: ЕПА

„Остро го осудуваме извозот на артилериски гранати и балистички ракети од ДНРК, што е во спротивност со многубројните резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации, и со голема загриженост го забележуваме продлабочувањето на врските меѓу Северна Кореја и Русија. Секој трансфер на балистички ракети и поврзана технологија од страна на Иран кон Русија би претставувал значајна ескалација“, се наведува во декларацијата на НАТО.

Се додава дека Кина, исто така, станала одлучувачки двигател на руската војна против Украина преку нејзината голема поддршка за руската одбранбена индустриска база.

„Продлабоченото стратегиско партнерство меѓу Русија и НР Кина и нивните меѓусебни засилени обиди за поткопување и преобликување на меѓународниот поредок заснован на правила се причина за длабока загриженост. Соочени сме со хибридни, вселенски и други закани и злонамерни активности на државни и недржавни актери“, се истакнува во документот.

За борбата против тероризмот

Борбата против тероризмот останува клучна за колективната одбрана на НАТО.

„Ние ќе продолжиме да се спротивставуваме, одвраќаме, браниме и да одговараме на заканите и предизвиците што ги претставуваат терористите и терористичките организации врз основа на комбинација на мерки за превенција, заштита и негирање со одлучност, решителност и солидарност“, се вели во соопштението.

Се наведува и дека конфликтот и нестабилноста во Африка и на Блискиот Исток, како и дестабилизирачките дејствија на Иран, директно влијаат на безбедноста на членките на НАТО и нивните сојузници.

Во декларацијата се наведува дека, по повод 75-годишнината, НАТО ќе преземе натамошни чекори за зајакнување на одвраќањето и одбраната и ја потврдува постојаната посветеност кон целосно спроведување на ветувањето за одбранбени инвестиции од најмалку два отсто од БДП годишно, како што е договорено во Вилнус.

„НАТО останува единствен, суштински и неопходен трансатлантски форум за консултации, координација и дејствување за сите прашања поврзани со индивидуалната и колективната безбедност“, се заклучува во декларацијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ