сабота, 19 октомври 2024
Билтенот на МВР полн со случаи на насилство од малолетници

Деца тепале деца во Карпош, Аеродром и Гази Баба, едно е повредено со нож

Неколку случаи на напади од деца врз деца се пријавени и регистрирани во полицискиот билтен на МВР. Насилство од малолетници е регистрирано во скопските населби Аеродром, Карпош и Гази Баба, а во еден случај едно дете е донесено со повреда од остар предмет во болница.

Објавено на

часот

Сподели

Денеска десетина минути по полноќ во СВР Скопје, А.С.(45) од Скопје пријавил дека неколку часа претходно на подрачјето на Карпош, неговиот малолетен син физички бил нападнат од неколку лица, кои му барале пари.

Вчера Л.Р.(55) од Скопје пријавила дека околу 16.30 часот во парк на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, нејзината малолетна ќерка физички била нападната од друга малолетничка.

Пријава од Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ добиле во СВР Скопје. Било пријавено дека кај нив со повреди од остар предмет бил донесен малолетник од Скопје. Според пријавеното, тој бил повреден од друг малолетник пред основно училиште на подрачјето на Гази Баба. Предметот бил пронајден, а со малолетникот бил извршен службен разговор.

Во текот на вчерашниот ден во 13.25 часот во СВР Скопје, Д.М. пријавил дека на подрачјето на Гази Баба на неколку лица се заканувале на неговиот малолетен син и неколку негови другари, при што на еден од малолетниците му одзеле пари.

Во сите случаи од МВР информираат дека преземаат мерки за расчистување.

Се почести се случаите со тепачки во кои и сторители и жртви се деца. Пред некое време на социјалните мрежи се појави видео од крвничко тепање на малолетно девојче, а за овој случај во ОЈО Скопје се води постапка. Во друг случај малолетници добија притвор поради тоа што нападнаа и онесвестија малолетник.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ