„Изгласаната интерпелација во Собрание, така како што е изгласан заклучокот, значи мое разрешување или мое дејствување под диктат на Левица и ВМРО. Соочена со изборот помеѓу губење на функцијата претседател на комисијата и дејствување под диктат, според условите поставени од Левица и предложени како Заклучок од Африм Гаши, не се сомневам дека ќе ја прифатам слободата на дејствување како пратеничка, како што сум направила до сега, слободно и независно. Секој граѓанин треба да биде таков, без разлика на различноста што ја имаме“, вели Даути.
Таа не прецизира дали ова значи дека ќе поднесе оставка од функција на собраниската Комисија за социјални работи, демографија и млади.
Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити во врска со интерпелацијата на Даути, денеска изјави дека имаат забелешки за нејзината работа, но оти не поддржуваат иницијатива од Левица.
„Потврдувам дека Илире Даути беше претседател на комисијата и ќе остане претседател на таа комисија. Можеби имаме многу забелешки за Даути, но кога има иницијатива од Левица ние сме против и затоа ќе ја поддржиме“, рече Меџити одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Гостивар.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши и денеска како и претходниот петок преку соопштение го повторија ставот дека гласањето за интерпелацијата на Даути нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата, велат од Кабинетот, се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот.
„Собранието денеска одржа пленарна седница на која се разгледуваше интерпелацијата за работата на пратеничката Илире Даути, претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади. Седницата се одржа во потполна согласност со Уставот, Деловникот на Собранието и постоечките закони. Изјавите на одредени медиуми кои велат дека резултатот од гласањето за интерпелација наложува разрешување на Даути се неточни. Нагласуваме дека гласањето за интерпелацијата е израз на пратениците и нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот“, беше наведено во соопштението на Кабинетот на претседателот на Собранието.
Со изгласувањето на интерпелацијата, сега пратениците ќе треба да изберат нов претседател на собраниската Комисија за труд, социјална политика и млади, место кое му припаѓа на Европскиот фронт. Интерпелацијата за Даути во ноември ја поднесе пратеничката група од Левица поради тоа што Даути, како што беше посочено на седницата во петокот, со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочела Законот за бранители поднесен од опозициската СДСМ со тоа што не го ставила на дневен ред на комисијата со која претседава.
Освен Левица, смена на Даути побра и ЗНАМ-Движењето за наша Македонија.