сабота, 27 јули 2024

Даштевски: На 8 мај граѓаните ќе можат само еднаш да дојдат на гласање

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски вели дека интензивно се работи на подготовките за вториот круг од претседателските и парламентарните избори на 8 мај. Даштевски ја објаснува постапката за гласање на изборите имајќи предвид дека за двојните избори гласачите ќе може само еднаш да излезат на гласање. Исто така тој ги повикува гласачите да го искористат своето право на глас на 8 мај достоинствено и без притисоци и да има фер, демократски и слободни избори.

Објавено на

часот

Сподели

Државната изборна комисија (ДИК) донесе упатство со кое им укажува на гласачите дека на 8 мај на гласање ќе може да излезат само еднаш. Тој потенцира дека на граѓаните треба да им се објасни дека имаат право да гласаат или за двата вида избори или само за парламентарни или само за претседателски избори. Тоа, вели, треба добро да се објасни бидејќи за претседателските избори има цензус.

„И тоа упатство е дека фактички граѓанинот ќе може да дојде само еднаш и да гласа и за двата избори и кога ќе дојде постапката прво ја дава личната карта да се види дека е тој, потоа оди на биометриска идентификација, потоа го бараат во списокот да го заокружат и му даваат ливчиња. И после оди да гласа. Кога ќе дојде ќе го прашаат дали сакате да гласате за едни, односно за првите за претседателските или за парламентарните или сакате да гласате за двата и за претседателските и за парламентарните, бидејќи после тоа нема да можете да го направат. Но не смее човекот да се доведе во заблуда. Значи треба добро да се објасни дали сте за претседателски, дали сте за парламентарните и дали сте за двата, за човекот да не помисли дека поважни му се едните од другите туку да знае дека има право да гласа и за двата избори и така да направиме и цензус“, вели Даштевски.

Претседателот на највисокото изборно тело во државата вели дека на 8 мај вечерта, резултатите од изборите би можеле да се знаат до полноќ, имајќи ги предвид промените што ДИК ги направила во изминатиот период, но и искуството што го има од изминатите избори.

Тој потенцира исто така дека за да се забрза изборниот процес во избирачките места во секое време ќе има по седум наместо по пет луѓе, како што беше претходно, а за броењето на резултатите сите ќе бидат присутни.

Даштевски очекува смета дека и вториот круг од изборите ќе помине во најдобра атмосфера.

За гласањето за претседателските избори во дијаспората, каде имаше мал број пријавени, а гласаа уште помалку, претседателот на ДИК вели дека тоа треба да се реши во согласност на најголемите политички партии и во надлежните органи, во Министерството за правда и подоцна во Собранието.

Претседателот на ДИК упати порака до гласачите да придонесат за слободни, фер и демократски избори.

„Порака до гласачите е да излезат повторно мирно, достоинствено да го дадат својот глас за онаа партија за која одлучиле тие, без притисоци, слободно да го дадат својот глас, на фер, демократски и слободни избори. Да покажеме дека сме на високо ниво на свеста и дека знаеме што е демократија и дека ја применуваме на дело“, порача Даштевски.

Даштевски уверува дека ДИК е подготвена за вториот круг избори затоа што, како што вели тој, некои работи веќе се завршени во првиот круг од претседателските избори. Тој информира дека минатата недела е утврден изгледот на гласачкото ливче кое ќе биде за вториот круг на претседателски избори, гласачките ливчиња за парламентарните веќе се печатат, а при крај се записниците и другите доверливи материјали. исто така вратени се сите уреди за биометриска идентификација од кои се празнат податоците, а потоа се ставаат нови податоци за вториот круг од изборите.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ