Во последните месеци противниците на исламот во Шведска и Данска запалија и оштетија неколку копии на Куранот што предизвика гнев меѓу муслиманите низ светот кои бараа скандинавските земји да го забранат ваквото однесување.
Домашните критичари во Шведска и Данска тврдат дека секое ограничување на критикувањето на религијата, вклучувајќи го и палењето на Куранот, ги поткопува тешко постигнатите либерални слободи во тој регион.
„Историјата поради тоа ќе ни суди и тоа со добра причина. Сè се сведува на тоа дали ние одредивме ограничување на слободата на говорот или тоа ни е диктирано однадвор“, кажа Ингер Стојберг, лидерка на антидемократската партија Дански демократи, која се противи на забраната.
Данската центристичка коалициска влада тврди дека новите правила ќе имаат само маргинално влијание на слободата на говорот и дека критикувањето на религиите на други начини и понатаму е легално.
Кршењето на новиот закон би било казниво со парична казна или казна до две години затвор, соопшти владата.
Шведска исто така разгледува опции законски да го ограничи сквернавењето на Куранот, но има поинаков пристап од Данска, па истражуваат дали полицијата треба да ја земе предвид националната безбедност кога одлучува за пријавите за одржување јавни протести.