петок, 26 јули 2024

Данската премиерка нападната среде Копенхаген, напаѓачот е уапсен

Данската премиерка Мете Фредериксен била нападната во центарот на Копенхаген, соопшти нејзиниот кабинет.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Нападот се случил на плоштадот во центарот на градот. Еден човек ѝ пришол и ја удрил. Напаѓачот е уапсен.

„Премиерката Мете Фредериксен вечерва беше нападната во Култорвет во Копенхаген од едно лице кое потоа беше уапсено. Премиерката е шокирана од инцидентот“, се вели во соопштението на кабинетот на премиерот без дополнителни детали.

Инаку, плоштадот Култорвет, каде што се случи нападот, е пешачка зона во стариот дел на градот на данската престолнина.

Полицијата соопшти дека уапсила едно лице и го истражува инцидентот, но не соопшти повеќе детали.

„Изгледаше вознемирено“, изјави за Ројтерс, Сорен Кјергард, келнер во блиското кафуле на плоштадот, откако ја видел премиерката како ја придружува обезбедувањето.

Не е познато дали данската премиерка е повредена во нападот. Мете Фредериксен беше избрана за премиер во јуни 2016 година како најмладата личност на таа функција во историјата на Данска.

Нападот се случи два дена пред Данска да гласа на изборите за ЕУ, а непосредно пред нападот, Фредериксен учествуваше на настан во кампањата со водечкиот кандидат на социјалдемократите Кристел Шалдемозе, објави данската ТВ2.

Нејзините социјалдемократи се најголемата партија во коалициската влада. Тие сè уште водат во анкетите, но нивната поддршка значително се намали во последните месеци.

Многу политичари и нејзини колеги останаа шокирани по оваа вест.

„Мете секако е шокирана од нападот. Морам да кажам дека ова не потресе сите нас кои сме блиски до неа“, изјави данскиот министер за животна средина Магнус Хеунике на социјалната мрежа Икс.

Шефот на ЕУ, Шарл Мишел, рече дека е огорчен.

„Остро го осудувам овој кукавички чин на агресија“, рече тој на социјалната мрежа Икс.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон напиша дека искрено се надева дека е добро.

„Нападот врз демократски избран лидер е исто така напад врз нашата демократија. Моите мисли се со неа и нејзиното семејство вечерва“, напиша Кристерсон на Икс.

Насилството низ Европа во текот накампањата е зголемено. Словачкиот премиер Роберт Фицо сè уште се опоравува од обидот за атентат во средината на мај од страна на вооружен маж. Пратеникот на Социјалдемократската партија и кандидат на Шолц во Европскиот парламент, Матијас Еке, беше претепан на почетокот на мај за време на кампањата во Германија.

Политичар од екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија беше избоден овој вторник од осомничен во Манхајм.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ