четврток, 16 јануари 2025

Данската премиерка и Трамп разговарале 45 минути, таа му го кажала својот став за Гренланд

Данската премиерка Мете Фредериксен му кажала на Доналд Трамп дека Гренланд има право да одлучува за својата иднина, пренесува Би-би-си. Новоизбраниот американски претседател минатата недела предизвика бура во Копенхаген, кога навести дека САД сакаат да купат арктички остров кој се наоѓа на територијата на Данска.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

За време на 45 минутниот телефонски разговор, Фредериксен вчера му кажа на Трамп дека Данска е подготвена да ја зголеми својата одговорност за безбедноста на Арктикот. Таа ги повтори и изјавите на Муте Егеде, премиерот на Гренланд, кој неодамна јасно стави до знаење дека Гренланд не е на продажба.

Трамп не одговори јавно, но повторно ја објави анкетата од 2019 година на неговата платформа Трут Соушл. Таа покажува дека 68 отсто од Гренланѓаните ја поддржуваат независноста од Данска. Се очекува да се одржи референдум за независност, а Данска веќе соопшти дека ќе го почитува секој резултат.

Трамп уште во 2019 година изрази желба да го купи Гренланд. Откако Фредериксен предлогот го нарече апсурден, Трамп ненадејно ја откажа посетата на Данска. Фредериксен во телефонскиот разговор истакнала и дека данските компании придонесуваат за растот и работните места во САД, а во интерес на Европската Унија и САД е да ја зајакнат трговијата.

Поинакво мислење има опозицискиот претставник Расмус Јарлов. „Целосно е неприфатливо Фредериксен да се откаже од правата на Данска на Гренланд и да го стави суверенитетот исклучиво во рацете на гренландска самоуправа кога разговара со американскиот претседател“, напиша тој на Икс.

Коментарите на Трамп и посетата на неговиот син на Гренланд минатата недела предизвикаа голема загриженост во Данска.

Соочена со можноста да ги наруши односите со нејзиниот најблизок сојузник, Фредериксен ги избирала своите зборови, нагласувајќи го правото на Гренланд на самоопределување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ