Данците без бодови се речиси без шанса за полуфинале во втората фаза, во новата група, во која Србија сигурно ќе има четири бода, а Полска два, и која ќе ја пополнат Шведска, Германија и подобриот од дуелот Македонија – Чешка.
Фантастично второ полувреме одиграа полските ракометари и им го нанесоа вториот пораз на Данците, кои водеа до 55. минута, но серијата од 3-1 во завршните четири и пол минути донесе комплетен пресврт. Полска со 17-12 во вториот дел успеа да ги надомести четирите негатива од полувремето. Сè изгледаше како лесен меч за Данска некаде до средината на вториот дел, кога и разликата од четири гола опстојуваше, но ненадејно Данците сопреа, а Полска „додаде гас“, за голема радост.
Роберт Орзечовски со три гола од кои два во последната серија од 3-0 беше клучен за победата, во која Гжегож Ткачик постигна седум гола и беше прв стрелец на Полска. Михал Јурецки даде шест гола, а брилјираше Марцин Вихари со 17 одбрани. Кај Данците, Томас Моргенсен беше прв стрелец со четири гола, а разочара Микел Хансен со лошата реализација и трите погодоци. Голманот Никлас Ландин собра 13 одбрани.
Србија и Словачка вечерва ќе играат ревијално, со оглед дека Србите со четири бода веќе се сигурни патници во втората фаза, а Словаците се елиминирани.