„Со прибирање на јавните приходи се обезбедуваат средства за финансирање на образованието, здравството, инфраструктурата, социјалната заштита, како и за сите останати јавни услуги во државата. Вие, како даночни работници, ја имате една од најзначајните улоги во спроведување на словото на даночните закони и борба против неформалната економија. Почитување на законските обврски значат еднакви услови за работа за сите и еднаквост пред законот, а со тоа и намалување на неформалната економија. Презедовме значајни мерки, донесовме акциски план и заедно ќе продолжиме во справување со оваа појава, во градењето подобар даночен систем за да обезбедиме повисок квалитет на јавните услуги и забрзан раст и развој на домашната економија“, истакна министерот.
Тој напомена дека во изминатиот период се работеше на конципирање на даночни политики кои се во насока на исполнување на целите и приоритетите на Стратегијата за реформа на даночниот систем 2021-2025, а тоа се: обезбедување праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем којшто ќе се темели на современи дигитални технологиии и иновации во оданочувањето, во функција на постигнување забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, а паралелно се преземаат чекори за дигитализација на даночните процедури и за интензивирање на интероперабилноста меѓу надлежните институции. Исто така, потенцира дека во услови на криза се врши редовен и непречен поврат на ДДВ кон стопанството, а за граѓаните продолжува примената на мерката МојДДВ.
„Ќе продолжиме и потнатаму со блиска соработка со Управата за јавни приходи и заеднички ќе работиме на реализација на низа приоритети во даночната сфера, меѓу кои и континуриано унапредување на даночното законодавство, зголемување на ефикасноста и ефективноста во прибирањето на даночните приходи, борба против неформалната економија, зголемување на транспарентоста на даночниот систем и зајакнување на соработката со министерствата за финансии и даночните администрации од регионот и пошироко“, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими.