среда, 11 декември 2024

Даниел Дончевски од Кратово го фати крстот во Вардар

Објавено на

часот

Сподели

 Точно напладне во светите води на Вардар, по крстот што го фрли поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан, скокнаа 127 верници, меѓу кои и една девојка. Најмногу среќа имаше Дончевски. 

 Се вели дека оној што ќе го фати крстот цела година ќе го следи среќа, здравје и благосостојба.

„Пет години по ред се фрлам по крстот. Во 2007 година, кога првпат го фатив крстот, ме следеше среќа, а се надевам дека и оваа година ќе тргне сè на убаво“, вели Дончевски.

Кратовчанецот Дончевски доби традиционално осветена икона од општината Центар, од градот Скопје златник, а премиерот Никола Груевски оваа година му подари лаптоп. Кумот на манифестацијата Сашко Станинов на Даниел му подари телевизор. Следната година кум на манифестацијата ќе биде семејството на Мите Јовановски.

Годинава првпат меѓу верниците што скокнаа по светиот крст беше и 18-годишната Ангела Симоновска од Скопје. Најстариот капач што се фрли во Вардар во крстот е 70-годишниот Ѓорги, додека најмладиот капач е скопјанецот Антонио, кој првпат се обиде да го фати крстот.

 Порака за благосостојба до насобраните верници што го следеа осветувањето на водата на реката Вардар на мостот кај хотелот „Холидеј ин“, упати поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан, со традиционалното христијанско честитање на празникот „Бог се јави!“.

 На положувањето на светиот крст во Скопје присуствуваа премиерот Никола Груевски, градоначалникот на општината Центар Владимир Тодоровиќ и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.

 Богојавленската литургија почна утрово во 9 часот во црквата „Св. Димитрија“ во Скопје, а потоа во 11 часот поглаварот на МПЦ г.г. Стефан заедно со свештенослужителите и верниците се упати кон мостот кај хотелот „Холидеј ин“, од каде што ги осветија водите на Вардар.

Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Тој важи за еден од најголемите христијански празници. Со него завршуваат 12-те т.н. некрстени дена и циклусот зимски празници како Бадник, Божиќ, Нова година (Василица) и други. На Богојавление на полноќ се верува дека се отвора небото, се појавува Бог, а луѓето му се обраќаат за да им ги исполни нивните желби. Во тој миг водите престануваат да течат и стануваaт лековити. Крстови се фрлаа и во другите градови во земјава.

 

Митко Топенчаров е среќникот во  Охрид  

Среќа и бериќет преку целата година за Митко Топенчаров, кој го фати светиот крст во Охрид. Тој беше најбрз од илјадниците капачи што се фрлија во осветените води на Охридско Езеро по светиот крст што го фрли владиката дебарско – кичевски г. Тимотеј.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ